Македонија
Арсовска: Водоснабдувањето во Скопје е постојано во дефект, потребна е целосна реконструкција

Кандидатката за градоначалник на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска денеска посочи дека решавањето на проблемот со водоводната мрежа е еден од нејзините приоритети.
„Стручен тим ќе изработи студија за утврдување на состојбата на двата главни магистрални метални цевководи, едниот кој е поставен по Партизанска и другиот кој е поставен по булеварите Словенија и Босна и Херцеговина. Овие главни цевководи се изградени уште во 1967 година со метални цевки и имаат ограничено време на трајност. Затоа ќе инвестираме во реконструкција и замена на дотрајаните и нефункционални водоводни цевки на територија на Град Скопје. Тоа ќе биде приоритет за мене”, порача Арсовска на денешната прес-конференција.
Таа посочувајќи на честите проблеми и прекини на водоснабдувањето во различни делови од градот, упати прашање до актуелниот градоначалник зошто не се инвестира во нова водоводна и канализациона мрежа.
„Нема ден да нема прекин на водата во делови од градот. Доколку почнеме да ги набројуваме сите општини ќе сфатиме дека водоснабдувањето во градот ни е очигледно постојано во дефект. И затоа сакам да упатам јавно прашање до актуелниот градоначалник каде и на што се трошат парите на граѓаните, ако сите гледаме дека не се инвестира во нова водоводна и канализациона мрежа на градот”, потенцираше Арсовска.
Таа нагласи дека нуди конкретни решенија на проблемите и на останатите делови на Скопје, каде, како што кажа, во некои населени места во летниот период немаат вода и со недели.
„Ќе се изгради систем за водоснабдување на Ченто, Стајковци, Синѓелиќ, Инџиково и Хиподром. Исто така, од мостот во Маџари еден крак од водоводната мрежа по булеварот Александар Македонски, ќе продолжи до новата населба во Хиподром. Приоритет на Град Скопје ќе биде изградба на квалитетен систем за водоснабдување и во Љубанци, Љуботен, Раштак, Булачани, Виниче, Страчинци и Брњарци. Според програмата за модерно Скопје, која по 17 октомври ќе биде и програма на градот, ќе отпочне изградба на пумпна станица, потисен цевковод и резервоар, со што ќе се добие трајно решавање на проблемот со недоволен притисок во мрежата на Општина Ѓорче Петров. Скопје ќе биде град кој се грижи за сите граѓани подеднакво и ќе инвестираме во обезбедување на квалитетни услови за живот во секоја општина”, додаде Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Славески свика итен состанок на координативното тело за испраќање помош во Турција и Сирија

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, во договор со советничките групи и градоначалничката Данела Арсовска свика состанок на координативното тело на Советот, на кој ќе се согледаат сите можности за испраќање хуманитарна помош за семејствата на настраданите од земјотресот во Турција и Сирија.
Како што информира Славески, Советот ќе донесе одлука на итна вонредна седница, што ќе се закаже во најкус можен рок.
„Изразувам длабоко сочувство до семејствата на настраданите од земјотресот во Турција и Сирија. Молитвите во овие тешки моменти се со пријателските народи на Македонија, кои се зафатени од разорен земјотрес“, порача Славески.
Македонија
Приватните превозници не знаат кога ќе почнат со превоз на патници: Блокади нема да има

Приватните превозници и градоначалничката на град Скопје најдоа решение за превозот во градот. По четиричасовна средба, на повидок е нов договор.
„Одиме во позитивна насока и ќе се реши нашиот проблем. Ќе има реформи, ние сме јавен сервис и мора да им служиме на граѓаните на Скопје. Има простор за договор и блокади нема да има“, изјави Јовица Зафировски, претставник на приватните превозници во Скопје.
Тој додава дека долгот кон нив треба да го плати Јавното сообраќајно претпријатие.
„Град Скопје нема долг кон приватните. Тој треба да го плати ЈСП. Ревизијата сè уште трае. Ни даде насоки градоначалничката Арсовска, ќе дејствуваме како што ќе нè насочуваат. Останува на нас превозниците да се реформираме и да ги слушнеме советите што ни се дадени“, додава тој.
Нема точен датум кога автобусите на приватните превозници ќе се вратат на скопските улици, но до четврток ќе имаат уште еден состанок со скопската градоначалничка.
Македонија
„Нашите мисли и молитви се со семејствата на загинатите и повредените“, порака на Арсовска

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, по катастрофалниот земјотрес во Турција, со порака: „Нашите мисли и молитви се со семејствата на загинатите и повредените во катастрофалниот земјотрес во Газијантеп, Р. Турција“.
До градоначалникот на Газијантеп, додава таа, испративме и писмо со сочувство и ја понудивме нашата помош доколку тоа е потребно.
„Градот Скопје е град на солидарност, кој никогаш нема да ги заборави помошта, поддршката и солидарноста на братскиот турски народ.
До Советот на Град Скопје испративме барање на следната седница советниците да одлучуваат за хуманитарна помош за настраданите во катастрофалниот земјотрес“, напиша Арсовска на социјалните мрежи.