Македонија
Арсовска во населба Даме Груев: Ќе го олесниме движењето кон центарот на градот и ќе го уредиме кејот на Лепенец

Данела Арсовска, независната кандидатка за градоначалник за Град Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ денеска ги посети жителите на населба Даме Груев во општина Ѓорче Петров и разговараа за проектите кои ќе бидат клучни за општината и градот.
„Преку булевар Словенија, ќе направиме поврзување на општината со што ќе ја финализираме внатрешната обиколница и ќе го олесниме движењето низ градот. Исто така во областа на инфраструктурата еден од нашите приоритети е поврзувањето со четири ленти на булевар Теодосиј Гологанов до раскрсницата на булевар Ѓорче Петров. Ќе се уреди коридорот на реката Лепенец, со велосипедски патеки, со фитнес зони, со детски катчиња за најмладите, со катчиња за пензионерите, да се придонесе кон уредување на овој заборавен дел од општината. Ќе субвенционираме вистинска енергетска транзиција, преку енергетски ефикасни фасади, преку соларно фотоволтаични панели, преку инвертер клими, топлински пумпи за домаќинствата“, истакна Арсовска во разговор со жителите.
Таа најави и изградба на спортски центар, со трим и вело-патеки, со терени за ракомет, кошарка, одбојка и други содржини за кои самите жители посочиле дека им се неопходни во општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Средба на Џафери со младите парламентарци од Босна и Херцеговина

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска се состана со група млади парламентарци од Босна и Херцеговина кои се дел од повеќе-партиска група од сите претставнички нивоа на власта во Босна и Херцеговина.
Претседателот Џафери, со особено задоволство сподели информации, искуства и пракса со младите пратеници кои пројавија интерес за тековните политички случувања во нашата земја, за евроинтеграцискиот пат и можностите за проширување и продлабочување на соработката меѓу пратениците на двете земји и секако можноста за соработка и на највисоко ниво на претседатели на парламенти и на ниво на Пратенички групи за соработка.
Младите соговорници од Босна и Херцеговина му се заблагодарија на претседателот Џафери за одвоеното време да се сретне со нив, знаејќи ја одговорноста на еден претседател на законодавен дом. Изразија висока почит за достигнувањата на Република Северна Македонија во контекст на евро-атлантската интеграција а особено ја истакнаа политиката стабилност и функционалноста на институциите во нашата земја. Дополнително, се заинтересираа и за нивото на вклучување на младите и жените во политичкиот живот во нашата земја правејќи паралела меѓу двете земји. А, изразија желба и за динамизирање на соработката помеѓу Република Северна Македонија и Босна Херцеговина, заради размена на искуства и заемна помош во процесот на интеграцијата на двете земји во Европската Унија.
Македонија
(Видео) Ахмети запеа пред вечерашниот спектакл, Груби објави снимка

Првиот заменик-премиер Артан Груби на социјалната мрежа „Фејсбук“ објави видео на кое заеднички пеат лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и пејачот Илир Шаќири.
Претходно, првиот вицепремиер Артан Груби на својот фејсбук-профил го најави големиот митинг закажан за денеска во Чаир, на кој ќе присуствува и Али Ахмети. Премиерот Димитар Ковачевски ѝ посака успех на ДУИ на вечерашната трибина на партијата во Чаир запрашан за тоа како го коментира собирот.
Македонија
Османи ги запозна невладините организации со стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД

Во рамките на серијата средби на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, со претставници од граѓанскиот сектор, на денешниот брифинг ги запозна невладините организации со значењето и придобивките од стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД, лансиран во јуни минатата година во Вашингтон.
Во фокус на разговорите беа можностите за соработка со невладиниот сектор во делот на имплементацијата на планот за активности во рамките на стратешкиот дијалог, кој покрива многубројни области за соработка, како што се: борбата против корупцијата и владеењето на правото, одбрана и безбедност, трговија и инвестиции, енергетика и животна средина, но и други значајни прашања од регионален и глобален интерес.
Воедно, Османи истакна дека е предвидено споменатиот план да се имплементира од страна на разни институции во земјата во периодот од 2023 до 2033 година, при што Министерството за надворешни работи е координатор на целокупниот процес.
„Планот за активности во рамките на стратешкиот дијалог со САД содржи многубројни проекти и активности чија реализација ќе придонесе за понатамошно поттикнување на демократските и реформските процеси, како и зајакнување на институциите, а со тоа гарантирање на целокупниот напредок на државата. Отворени сме за соработка со граѓанскиот сектор и на ова поле, што е на линија на нашата досегашна транспарентност и заложби за зајакнување на улогата на невладините организации во креирањето на надворешната политика“, заклучи Османи.