Македонија
Арсовска: Дел од проектите што ги предложија другите кандидати за градоначалници треба да бидат реализирани

Дел од проектите што се конструктивни и беа дел од програмите на сите кандидати за градоначалници сметам дека треба да бидат вклучени за имплементација на Град Скопје за следните четири години, затоа што секој од кандидатите има свои квалитети и знаење кои беа истакнати низ трката за подобро, поубаво Скопје и може да придонесе кон заедничката визија за современ град кој ќе нуди еднакви можности за живот за сите граѓани. Ова треба да е континуирана заедничка заложба за позитивни промени, за доброто на градот и на нашите сограѓани. Формирање работно тело е првиот чекор кон реализација на оваа соработка, кое ќе делува во насока на креирање конструктивни предлог политики за развој на градот во следните години, истакна градоначалникот на Град Скопје, Данела Арсовска, на денешната средба со кандидатите за градоначалници за Град Скопје на локалните избори 2021.
На средбата се разговараше за проекти, како и за истакнати приоритетни предизвици со кои граѓаните се соочуваат, а за кои се неопходни брзи и ефикасни решенија. Се донесоа заклучоци дека заеднички, транспарентно, со соработка може да се реализираат предвидени проекти, со цел обезбедување подобар квалитет на живот на сите скопјани. Арсовска дополни дека преку ова работно тело ќе може секој да придонесе со свои идеи и предлози, за доброто на градот.
– Да покажеме отвореност, соработка, транспарентност и да покажеме дека можат луѓето да бидат во изборна трка, а сепак да делуваат конструктивно имајќи го јавниот интерес на граѓаните пред сè како приоритет. Ја ценам експертизата на кандидатите и верувам дека секој од нив може да придонесе за носење на промените за нашето Скопје, рече Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Обезбедени 13,7 милиони евра за заостанати обврски, започна модернизација на Армијата

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ за време на своето седумгодишно владеење не само што била неспособна да реализира големи проекти, туку и редовните обврски кон вработените во Армијата и Министерството за одбрана биле системски занемарени. Според партијата, СДСМ со години не исплаќала надоместоци предвидени со закон, што резултирало со бројни тужби.
Со преземањето на власта, ВМРО-ДПМНЕ обезбедила 13,7 милиони евра за исплата на заостанатите обврски, вклучително и регрес за годишен одмор. Ќе бидат наградени 436 војници кои се бореле со пожарите минатото лето. За модернизација на Армијата годинава се одвоени 106 милиони евра, што е за 18 милиони повеќе од лани. Донесен е и нов Закон за вработените во Министерството за одбрана со цел подобрување на нивниот статус и мотивираност.
Македонија
И денес температури до 40 степени, од среда заладување и ветер

Времето денес ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Во попладневните и вечерните часови ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, наместа во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и изолирана појава на град, јавува УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 40 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло, попладне со мала до умерена нестабилна облачност. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 40 степени.
До вторник ќе се задржи многу топло време со дневна температура наместа и над 40°C. Локална појава на нестабилност ќе има и во првите два дена од следната седмица, кога ќе дува умерен, а во западните делови засилен ветер од југозападен правец. Во среда и четврток ќе дува засилен северен ветер, кој ќе предизвика значително опаѓање на дневната температура, а претежно во северните делови во среда ќе има локални врнежи од дожд.
Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.