Македонија
Арсовска: Почнуваме со изградба на капитален проект – мега парк од над 30.000 м2 во Ѓорче Петров

Градот Скопје денеска ја почна реализацијата на капиталниот проект за изведба на мега парк во општината Ѓорче Петров – нова зелена површина во градот што ќе се простира на повеќе од 30.000 квадратни метри. Почетокот на активностите за изведба на овој нов парк го означија градоначалничката Данела Арсовска, градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојковски, директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Ангеле Сотировски, и директорот на ЈП „Улици и патишта“, Борис Настов.
– Дел од приоритетните капитални проекти за скопјани согласно со програмата се пет нови мега паркови во Скопје. Затоа, денеска, во општината Ѓорче Петров го означуваме започнувањето на изградбата на првиот мега парк кој го реализираме во Скопје. Како човек кој се изборил со рак, како некој кој изгубил најблиски од оваа подмолна болест, сметам дека не постојат поважни и поприоритетни цели од тоа на секој можен начин да придонесеме Скопје да е град во кој обезбедуваме значително подобар квалитет на живот. Во Скопје почнуваме нешто што досега не било направено, 5 нови мега паркови кои долгорочно ќе придонесат за заштита и подобрување на состојбите со животната средина – рече Арсовска.
На место кое беше депонија од огромни размери во над 50.000 квадратни метри, екипите на Градот Скопје успеаја целосно да ја исчистат за создавање на новиот парк. Работните активности и хортикултурното уредување на мега паркот предвидуваат четири фази на изведба, а паркот е предвидено да има три дела на вкупна површина од над 30.000 квадратни метри.
Јавните претпријатија „Улици и патишта“ и „Паркови и зеленило“ веќе ја изведуваат првата фаза од овој нов мега парк, односно се изведува подготвително рамнење на површината, прекопување и целосно обележување согласно со проектот за површина. Во оваа фаза се врши трасирање на пешачките и велосипедските патеки и просторот за другите содржини, а се поставуваат и потребните подземни инсталации.
Предвидено е подигање на зелени површини, поставување систем за наводнување, засадување на над 2.200 дрвја од десетина различни видови, како и дополнителни цветни садници соодветни за оплеменување и зазеленување на паркот.
Во завршната фаза предвидено е поставување на урбаната опрема и целосно уредување на просторот со фонтани, клупи, придружни елементи, садови за отпадоци, паркинг за велосипеди, како и соодветно осветлување.
Мега паркот во секој од трите дела има внатрешни пешачки патеки и дополнителни пристапни патеки. Предвидена е изградба на детско игралиште, игралиште за миленици и фитнес-зона, со соодветни реквизити, како и изградба на паркинг за посетителите.
– Во Скопје, со оглед на состојбите со загадувањето кои се особено алармантни во зимските месеци, потребни се нови зелени површини, затоа силно се залагам да се реализираат програмските приоритети. Овој мега парк со своите содржини претставува нов простор во градот за рекреација, и квалитетно минување на слободното време и истиот ќе придонесе за подобрување на состојбите во поглед на животната средина, како бенефит за сите жители во ова населено место и воопшто за сите посетители. Вкупната вредност на проектот изнесува 68.500.000 денари – објасни градоначалничката Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.