Македонија
Арсовска: За Чаир имам комплетни решенија за нормален, урбан живот
Решавање на постоечките проблеми во општина Чаир и создавање услови за нормален, урбан живот, најави кандидатката за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, на денешната прес-конференција.
Таа посочи на сите започнати, а како што рече, недовршени проекти од претходниот градоначалник кој не ги исполнил своите ветувања кон чаирчани.
„За разлика од делумните решенија, јас ќе успеам да реализирам проекти. Овде мора да постои уште една лента. Како дополнение на ова решение е и надвозник од мостот Бит-пазар до Христијан Тодоровски Карпош и со тоа скопјани ќе добијат брзо и ефикасно сообраќајно решение кое ќе ги поврзува општините Чаир, Бутел и Центар. Овде во Чаир ќе го решиме и проблемот со паркинг-места и вистински ќе изградиме нови катни гаражи и паркиралишта, и тоа кај Чаирчанка, амбулантата во Чаир и Топанско Поле”, истакна Арсовска.
Арсовска рече дека ќе понуди услови за сигурно и безбедно користење велосипеди преку изградба на нови велосипедски патеки што ќе го поврзат Чаир со Центар и Бутел, но исто така кажа и дека ќе ги реши постоечките проблеми во некои заборавени делови од општината.
„За мене е неприфатливо во сите делови на Скопје да нема еднакви услови за живот и за развој, а во овој дел од градот сè уште има луѓе што живеат супстандардно, без фекална и атмосферска канализација и се мачат со водоводот. Треба да направиме сè што е возможно да имаат услови за квалитетен живот во главниот град”, истакна Арсовска.
Во оваа општина според програмата на Арсовска ќе биде еден од петте мега-паркови во градот, по примерот на Градскиот парк во Скопје, а со посебни активности Арсовска ќе ја заживее и Старата скопска чаршија.
„Нема да ја заборавиме ниту Старата чаршија. Ние мораме да ги вратиме луѓето во чаршијата. Да ја вратиме душата на Скопје и истата да стане култно место. Градот ќе посвети дополнителна грижа, во рамки на своите надлежности, за зачувување и популаризација на Куршумли ан, Капан ан, Сули ан, Чифте амам, Даут-пашин амам и Безистенот. Ќе работиме и за целосно соодветно осветлување на чаршијата, поддршка и промоција на старите занаети, олеснување на пристапот до чаршијата и нејзина популаризација повторно да биде центарот на сите случува во Скопје. Ќе дадеме и поддршка за организирање голем број културни настани на просторот на Старата чаршија. Скопје ќе биде модерен град, но за сите скопјани тоа е мојата визија за Скопје, треба да биде град на соживотот и град на солидарноста”, потенцира Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

