Македонија
Архитектот Ѓоко Радовановиќ добитник на наградата за животно дело „Андреја Дамјанов”
Врз основа на одлука на Управниот одбор на Асоцијацијата на архитектите на Македонија (ААМ), наградата за животно дело во областа на архитектурата и градителството „Андреја Дамјанов” за 2020 година му е доделена на Ѓоко Радовановиќ, дипломиран инженер архитект од Скопје.
Ѓоко Радовановиќ е креатор на проекти и објекти што оставиле значаен белег врз современата македонска архитектура. Неговите архитектонски дела, стилот и изразот оставаат огромен белег, особено на градот Скопје.
Автор е на 124 проекти, од кои негови позначајни архитектонски дела се: „Соравија центар Скопје“ (SoraviaCenter Skopje), „Соравија ресорт Скопје“ (SoraviaResort Skopje), СЦ „Јане Сандански“, вила „Дарко Панчев“, индустриски објект „Рио кафе“ и многу други. Во доменот на изработка на специфични проекти се јавува како автор на „Студија за монтажни соларни куќи“ и на „Студија за монтажни санитарни кабини“.

„Особено ми е драго што оваа награда му се додели на еден истакнат архитект како што е Ѓоко Радовановиќ. Неговите архитектонски дела, стилот и изразот оставаат огромен белег, особено на градот Скопје. Работата на архитект Радовановиќ е од суштинска важност за современата македонска архитектура во целина“, истакна Мишко Ралев, претседател на ААМ.
Ѓоко Радовановиќ е роден во Подујево 1949 година. Средно образование, насока архитектонски техничар, завршува во Ниш (1967), а високото образование го продолжува на Архитектонскиот факултет во Скопје.

ААМ ја додели оваа награда откако сите членови на комисијата поединечно изразија поддршка за кандидатурата на архитект Ѓоко Радовановиќ и едногласно поднесоа предлог-одлука до Управниот одбор на ААМ за негово прогласување за добитник за 2020 година.
Членови на комисијата беа: Мартин Гулески, д.и.а., претседател; Миодраг Митровиќ, д.и.а., член; Виолета Бакалчев, д.и.а., член; Јана Гугулоска-Ѓорѓевиќ, д.и.а., член; Ѕвонко Тасевски, д.и.а., член.
Наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“ е утврдена на 28 декември 1989 година, во чии рамки академик Крум Томовски свечено бил прогласен за прв лауреат. Наградата се доделува врз основа на јавен повик на кој може да се пријават кандидати – државјани на РС Македонија, а право на поднесување предлози имаат само членовите на ААМ. Добитникот на наградата автоматски станува редовен член на Архитектонска академија на ААМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

