Македонија
АУЕ – ФОН со екоакција „Младите за природата“ за подигнување на свеста за заштита на животната средина

Американскиот Универзитет на Европа – ФОН денеска организира екоакција во Градскиот парк во Скопје под слоганот МЛАДИТЕ ЗА ПРИРОДАТА. CHANGING TOGETHER, преку која испратија порака до целата јавност дека грижата за животната средина е повеќе од неопходна за подобрување на животот за сегашните и идните генерации.
Во акцијата, покрај студентите од АУЕ- ФОН, учествуваа наставниот кадар и менаџментот, а своја поддршка дадоа и над 100 средношколци од СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“, СЕПУГС „Арсени Јовков“, СУГС „Георги Димитров“, како и останати членови на Унијата на средношколци.
Со волонтерската активност како дел од својата општествено одговорнa практикa, целта на Американскиот Универзитет на Европа-ФОН е да покаже дека граѓаните во нашата земја повеќе не смеат да бидат само сведоци на општествените девијации, туку треба да преземат иницијативи за подобрување на светот во кој што живеат. Овие акции претставуваат и одлична можност за градење на блиски релации помеѓу вработените од универзитетот, помеѓу студентите, средношколците и сите останати доброволци, односно можност за вмрежување за идна подобра соработка.
„Со нашата активност упатуваме апел до јавноста, но и до носителите на одлуки, дека треба да се воспостави оддржлив систем за управување со отпад. Нè радува фактот што младите генерации стануваат сè повеќе свесни за последиците што може да произлезат доколку не се грижиме за средината во која живееме. А со денешната акција потврдуваме дека секоја промена во општеството треба да биде иницирана поединечно од секој од нас. Сите имаме можност да придонесеме за поздрава животна средина и да се грижиме за зачувување на планетата Земја. Природата е дел од нас, ние сме дел од неа – и тоа нѐ обврзува да се однесуваме одговорно кон животната средина, практикувајќи одговорно работење во сите сфери од нашите активности“, изјави Миранда Цаноска, директор на Американскиот универзитет на Европа – ФОН.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Архиепископот Стефан и српскиот патријарх ќе служат литургија и во Скопје на Денот на сесловенските просветители

Со радост му соопштуваме на верниот народ дека од 23 до 24 мај 2022 година во посета на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) ќе престојува делегација на Српската православна црква (СПЦ) предводена од Неговата Светост, соопшти Синодот на МПЦ-ОА.
„На 24 мај, со почеток од 9 часот, во Соборниот храм ‘Св. Климент Охридски’ во Скопје, Неговата Светост, српскиот патријарх г .г. Порфириј и Неговото Блаженство, архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, заедно со архијереи од двете сестрински цркви, ќе служат божествена литургија“, се наведува во соопштението.
Од МПЦ-ОА ги повикуваат верниците да земат масовно молитвено учество.
Вчера, во црквата „Свети Сава“ во Белград, СПЦ и МПЦ-ОА по 55 години, првпат одржаа заедничка литургија.
Македонија
Драчево, Долно Лисиче и Батинци добија вода, од „Водовод“ им благодарат на граѓаните за трпението

Прекинот на водоснабдувањето во Драчево, Батинци, Моране, Долно Лисиче и во околните места е саниран, информираат од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
„Овој тип на дефекти се случуваат навистина ретко, но нивната природа предизвикува прекинато водоснадбусвање во подолг временски интервал. Благодарност до граѓаните од овој дел на градот за трпението и разбирањето за време на отстранување на дефектот“, се навдува во соопштението на ЈП „Водовод и канализација“.
Според информациите од јавното претпријатие, проблемот бил во пукната цевка со профил Ф 600 на улицата Борис Трајковски, но при копањето за санација на пукнатата цевка биле откриени уште неколку дефекти на спојките.
„Отстранувањето на дефектот беше успешно реализирано во 16.45 часот, а водоснабдувањето за населените места Усје, Пинтија, Батинци, Студеничани и село Моране, кои се снабдуваат со вода преку резервоари (висока зона), се нормализира по 18 часот“, стои во соопштението.
Македонија
Османи на билатерални средби во Торино

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на маргините на состанокот на Комитетот на министри на Советот на Европа, кој се одржа во Торино, оствари билатерлани средби со министрите за надворешни работи на Грузија – Илија Дарчијашвили, на Азербејџан – Џејхун Бајрамов, на Ерменија – Арарат Мирзојан, на Република Молдавија – Нику Попеску, и првата заменик-министерка за надворешни работи на Украина – Емине Џафарова.
Како што информираат од Министерството, фокусот бил на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година, безбедносната состојба во ОБСЕ-регионот, како и нарушената безбедносна архитектура во Европа. Биле разменети мислења и за ситуацијата во Украина и искористувањето на механизмите на Советот на Европа за одговорност за кршењето на човековите права. Била потенцирана и важноста на ЕУ-перспективата како за земјите од Западен Балкан така и за тие од источното партнерство.
Османи укажал дека како дел од триото претседавачи со ОБСЕ оваа година и иден претседавач во 2023 година, Северна Македонија силно се залага за зачувување на основните принципи и вредности на Организацијата – како што се почитувањето на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на земјите учеснички на ОБСЕ.