Македонија
Африм Гаши во посета на Италија

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, од 7 до 9 мај ќе предводи собраниска делегација во официјална посета на Италијанската Република.
Во составот на делегацијата се членовите на пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со парламентот на Италијанската Република, Благица Ласовска и Димитар Ковачевски, потоа пратеничката Мимоза Муса, член на Комисијата за европски прашања, како и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска.
Во согласност со програмата предвидени се средби со Лоренцо Фонтана, претседател на долниот дом на парламентот на Италијанската Република, со сенаторката Ема Паванели и со членовите на билатералната група за соработка со државите од Балканот, со претседателот на Комисијата за надворешна и европска политика, Џулио Тремонти, и членовите, и со претседателот на Комисијата за ЕУ-политики, Алесандро Џиљо Виња, и членовите.
Во рамките на програмата, генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, ќе оствари одделна средба со д-р Фабрицио Касталди, генерален секретар на Домот на пратениците на парламентот на Италијанската Република.
Меѓу другите активности, во просториите на Амбасадата на РС Македонија во Рим за претседателот на Собранието и за делегацијата е организирана средба со претставници на дијаспората во Италијанската Република.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Лажниот патриотизам на ЗНАМ заврши како приватен бизнис-проект

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на средбата со општинската организација на СДСМ во Неготино, посочи дека лажниот патриотизам на движењето ЗНАМ завршило како приватен бизнис проект. Тој упати остра критика до раководството на ЗНАМ и претседателот Максим Димитриевски, по денешните обвинувања.
Филипче нагласи дека Димитриевски ја изневерил довербата на граѓаните со лажен патриотизам, кој подоцна се покажал како параван за лични интереси.
„Во 2021 година, некои луѓе се одвоија од СДСМ и отидоа во ЗНАМ. Тогаш, тогашниот претседател на ЗНАМ и градоначалник на Куманово продаде еден лажен патриотизам. Излегуваше на бугарска телевизија, кажуваше „јас сум патриот“, го спомнуваше Гоце Делчев, ја спомнуваше НОБ. Му успеа манипулацијата – да се претстави како патриот и да ги привлече и излаже нашите членови, нашите симпатизери, па и други граѓани. И што излезе? За што се борел? За бизнис интереси. Што му била целта? Само бизнис да прави, пари да прави од позиција на градоначалник,“ изјави Филипче.
При тоа, Филипче повика на враќање на разочараните членови во СДСМ.
„Упатувам апел до нашите членови кои се излажаа и гласаа за ЗНАМ, да се вратат дома. Тука им е домот, во СДСМ. Да не се лажеме дека една мала група луѓе ќе манипулира само за сопствени финансиски интереси“, рече Филипче.
На средбата, Филипче ја посочи и, како што рече, недоследноста во однесувањето на Димитриевски во однос на ДУИ.
„Нели ДУИ беа предавници и криминалци, а со кого го изгласал Димитриевски ДУП-от во Куманово? Гледајте ги и двојните стандарди на премиерот, вика не може Таравари во Владата ако соработува со ДУИ, а Максим Димитриевски може да соработува со ДУИ, дополнително, за негови финансиски интереси. Какво лицемерие е ова?“ , потенцираше претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Невреме во повеќе градови низ државата

Времето денес е променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Во источните делови процесите беа во форма на невреме со пообилен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град.
Невреме имаше во Велешко, Штип, Кавадарци, Неготино, Струмица, Богданци и во Дојран, јавува УХМР.
До крајот на денот времето ќе биде сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југозападен правец. Во текот на ноќта ќе преовладува малку до умерено облачно.
Утре променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува умерен, а во западните делови засилен ветер од југозападен правец. Попладне ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 28 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Во ноќта петок кон сабота и во сабота претпладне ќе биде нестабилно со локални поројни врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат пообилни проследени со појава на грмежи. Преодно стабилизирање на времето ќе има во недела, а во понеделник се очекуваат повремени врнежи од дожд. Дневните температури од сабота ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Учество на министерот Муцунски на неформалниот состанок во GYMNICH формат во Варшава

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре во Варшава, Полска, ќе учествува на неформален работен ручек во т.н. GYMNICH формат – состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија и земјите-кандидати за членство.
Учеството на министерот Муцунски се остварува на покана од министерот за надворешни работи на Полска, Радослав Сикорски, во рамки на полското претседателство со Советот на ЕУ.
Дискусиите ќе бидат фокусирани на актуелните предизвици во европската надворешна и безбедносна политика, со посебен акцент на градењето отпорност кон хибридните закани.
Во рамки на престојот во Полска, министерот Муцунски ќе ја посети меморијалната поставка во Треблинка и ќе положи цвеќе на спомен-обележјето на депортираните македонски Евреи.