Македонија
АХВ најави кривична пријава за Трипуновски: „Тој лаже дека храната не се испитувала“

Доколку Трипуновски за ваквите манипулации јавно не им се извини на граѓаните, АХВ ќе поднесе кривична пријава, реагира Агенцијата за храна и ветеринарство по прес-конференциите на дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, кој и денеска обвини дека Агенцијата за храна и ветеринарство не вршела проверка на храната речиси половина година.
Демантот на АХВ го пренесуваме во целост.
„Како одговорна институција за безбедноста на храната и за здравјето и на потрошувачите, Агенцијата за храна и ветеринарство го повикува дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски да престане да ја манипулира јавноста и да сее лаги дека храната во земјава не се испитува и дека е загрозено здравјето на граѓаните.
Потврда за посветеноста во работата на АХВ е фактот дека токму минатата година, не е евидентирано ниту едно труење со храна кое завршило со болничко лекување, токму за временскиот период за кој Трипуновски, вчера и денес, неаргументирано ја обвинува Агенцијата за несовесно работење.
Место сериозно да се посвети на работата за унапредување на положбата на производителите на храна, која ја носи функцијата дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство која му е доделена во техничката Влада, поради безидејност и незнаење, Цветан Трипуновски и со денешната прес конференција, по кој знае кој пат, уште еднаш потврди, дека не само што не ги познава состојбите во областа на безбедноста на храната и здравствената заштита на животните, туку не се ни труди да ги научи. Манипулирањето на граѓаните и поигрувањето со нивното здравје, стана препознатливо за Трипуновски, кој неосновано обвинувајќи ги институциите дека не си ја вршат работата, од петни жили се обидува да се наметне во јавноста.
Иако уште во текот на вчерашниот ден, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) до јавноста испрати официјални документи за извршени лабораториски испитувања на храната во земјава и од увоз кои минатата година изнесуваа вкупно 6929 мостри само од храна од животинско потекло и 376 мостри од храна од животинско потекло, храна за животни и нус производи од животинско од увоз. Овие факти Трипуновски не само што не ги зеде во предвид, туку и денес продолжи да ги манипулира граѓаните.
На јавноста треба да и се извини Трипуновски, а не АХВ, за секојдневните груби манипулации кои ги пласира преку прес конференциите собирајќи ситни политички поени, бидејќи напамет, а не со факти, неодговорно пласира лаги, обидувајќи се да креира лажна слика за работата на институциите и да креира паника кај граѓаните.
За неосновано обвинување и креирање паника кај граѓаните, потсетуваме дека и кривично се одговара“, велат од АХВ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ објави 11 нови кандидати за градоначалници

Претседателот на Социјалдемократскот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција, ја соопшти одлуката на Извршниот одбор на партијата која се однесува на давање согласност за кандидатури на градоначалници за претстојните локални избори.
Одлуката се однесува на кандидати за градоначалници за 1о општини, додека пред две недели беа објавени 19 кандидидати за градоначалници.
Во општина Пехчево кандидат за градоначалник ќе биде Златко Николовски, член на Централниот одбор. Во општина Босилово, Мариче Кармазичева. Понатаму за Куманово организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски. Во Карбинци Љупка Соколовска, во Василево, Ванчо Новоселски. Во Сопиште претседателот на општинската организација, Звонко Васев. Кандидат за градоначалник во Јегуновце ќе биде Дарко Блажевски, градоначалник во претходниот мандатот од 2017 до 2021 година. Во Охрид кандидат за градоначалник ќе биде претседателот на општинската организација,Асен Шајн. Во Демир Хисар, Златко Кузмановски, претседателот на општинската организација. Во Струмица, кандидат за градоначалник ќе биде претседателот на општинската организација, Марјан Даскаловски и во Дебарца исто така претседателот на општинската организација, Љупчо Паункоски.
Филипче изјави дека процесот на селекција, исто како и претходниот, ги следел истите критериуми, анализа на резултатите од анкетите, разговори со членови на општинските организации.
Македонија
Македонија на листата на држави со највкусна храна во светот

Популарниот гастрономски водич Taste Atlas објави листа од 100 држави со најдобра храна во светот, а Македонија е во првите 50.
Државата се наоѓа на 47 место на листата со просечна оценка од 4,16.
Целта на водичот е да препорача кои држави и градови треба да ги посетат љубителите на храна од врвен квалитет.
View this post on Instagram
На самиот врв се Грција, Италија, Мексико, Шпанија, Португалија и Турција.
Од земјите од регионот на 15 место е Србија, 17 е Хрватска, а на 33 место е Бугарија.
Македонија
„Пулс“ ќе се суди во Основниот кривичен суд Скопје, предметот е доставен

Основниот суд во Кочани денеска го достави предметот за пожарот во „Пулс“ во Основниот кривичен суд Скопје, согласно одлуката на Врховниот суд.
Врховниот суд го утврди Основниот кривичен суд Скопје како надлежен суд за постапка по обвинителниот акт за пожарот, во кој загинаа 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Одлуката е донесена поради недостаток на доволен број судии од кривична област без законски пречки во основните судови во Штип и Струмица.
Основниот кривичен суд Скопје ќе распредели обвинителниот акт преку системот АКМИС. По приемот, обвинението ќе биде доставено до обвинетите, по што ќе почне да тече рокот од осум дена за приговор.
Јавното обвинителство на 13 јуни поднесе обвинение против 34 физички и три правни лица за кривично дело тешки дела против општата сигурност, со исклучок на еден обвинет за примање мито поврзано со издавање лажни лиценци за работа на објектот. Дел од истражните постапки за некои лица се прекинати поради недостаток на докази.
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски истакна дека постапката е прекината и за 11 лица, вклучително и двајца поранешни министри.