Македонија
Ахмети: Во текот на годините Албанците ги водеа Собранието и сите министерства, а се реализира и ветената позиција на првиот албански премиер
Во текот на годините Албанците ги водеа Собранието и сите министерства, а се реализира и ветената позиција на првиот албански премиер, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по повод 24-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
Нашиот придонес за државата, додаде тој, резултира со добри меѓуетнички и меѓусоседски односи, членство во НАТО и почнување на преговорите за членство во Европската Унија.
„Од сите овие и многу други достигнувања победи нашата заедничка држава, а никој не загуби. Сите достигнувања во изминатите 24 години ги направивме заедно, како со ВМРО и со СДСМ, така и со нашите меѓународни пријатели. Овие достигнувања се самата држава, тие се темелот на стабилноста, безбедноста и иднината на нашата земја“, рече Ахмети.
Затоа, додаде тој, ревизија на заедничките достигнувања не ни е дозволена нам кои сме автори, потписници и спроведувачи на Охридскиот договор.
„Мора да предводиме со државничка одговорност, како државотворни партии, без краткорочни и опасни популистички и изборни калкулации. Во меѓувреме, на оние што ја учеа историјата од телевизиските екрани, кои немаат никаков придонес за националните достигнувања и за процесите и кои никогаш не ја добија довербата на народот, туку беа избрани од други да им служат, им велам: Храброста по војна и мудроста по говорот – не вредат“, рече Ахмети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локален дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд. Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен денеска кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд. До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието. Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Делови од четири скопски општини денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности, општина Кисела Вода;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности, општина Карпош;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности, општина Бутел;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности, општина Центар.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.

