Македонија
Ахмети свика Претседателство на ДУИ
Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, свика седница на Централното претседателство на партијата, којашто ќе се оддржи денеска со почеток во 15 часот во партиското седиште во Тетово.
На седницата ќе се говори околу четвртиот изборен конгрес на Демократската унија за интеграција, идните програмски определби и статутарни промени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Конески: СДС со елементарно непознавање на младинските состојби во земјава
Длабоко сме трогнати и потресени од прес-конференцијата на партијата која владееше 7 години, а за само една година успеа да стане 5-та партија во Скопје. Со неизмерна тага, сведочиме на пропаста на партијата која изгуби стотици илјади гласачи, откако за личен интерес ги распродаде националните интереси и го урниса целиот систем, истакна на прес-конференција Тодор Конески, член на ИК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
Жал ни е, вели тој, што поделивме само 55.000 ваучери за електронски уреди, со што студентите ќе можат да користат напредни технологии, наместо да злоупотребуваат европски фондови за тренинг на магариња.
„Жал ни е, што реализираме реконструкција на сите студентски домови, наместо да ветуваме студентски град, кој 8 години тие не успеаја ни го започнат.
Жал ни е, што ќе изградиме зграда на Медицинскиот факултет во Штип, нешто што според вас е „назадување“ во однос на времето кога болниците се распаѓаа низ државата.
Жал ни е што почнавме со процес на дигитализација на универзитетите и воведување на е-индекс, и жал ни е што наскоро почнува реконструкција на спортската сала на УКИМ, како и проектите со кои младите ќе можат да купат свој дом, да основаат свое семејство или да започнат свој бизнис.
На ова ваше елементарно непознавање на младинскиот стандард и реалностите во државата, не ви замеруваме, само ви укажуваме.
Разбираме дека вашата партија нема повеќе ниту гласачи, а уште помалку млади луѓе кои се во контакт со вистинските проблеми, а можат и да понудат вистински решенија“.
Додека вие инвестирате во неколку поединци во вашата младина, кои повторуваат истрошени флоскули на Филипче и на Заев и да се срамат на националните телевизии, вели Конески, ние инвестираме во иднината, инвестираме во конкретни политики, мерки и проекти што младите ги чувствуваат веднаш.
„Ниту една смешна прес-конференција, нема да нè обесхрабри во нашата заложба да изградиме држава, во која секој еден млад човек може да просперира и да успее. Младите препознаваат работа, препознаваат квалитет и конкретна поддршка, а не празни зборови.
Заврши времето на апстрактни и нереални ветувања. Почна времето на мерливи резултати, на вистинска одговорност и на политики што го менуваат животот на младите денес, а не во нечија фантазија“.
Македонија
Кореја донираше осум електрични возила за Министерството за здравство
Министерството за здравство, со поддршка од Владата на Република Кореја, преку грант за помош обезбеди осум современи електрични возила, со инсталација на станици за електрично полнење.
– Заедно со амбасадорот на Република Кореја, Донг-бае Ким, денеска, извршивме примопредавање на првите три возила од грантот, а до крајот на месецот очекуваме да пристигнат уште пет возила, со што целосно ќе се реализира донацијата од вкупно осум електрични возила. Оваа значајна поддршка од Република Кореја претставува важен чекор во зајакнување на институционалните капацитети и ќе овозможи поефикасно, поекономично и еколошко функционирање на инспекциските служби, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.
Во рамки на примопредавањето, Алиу изрази благодарност до Владата на Република Кореја за континуираната соработка и придонесот кон зајакнување на капацитетите во јавниот здравствен систем.
Македонија
Муцунски со членовите на Комисијата за надворешни работи на шпанскиот Сенат: евроинтегративниот процес треба да биде предвидлив и ненаметнат од билатерални прашања
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес во Скопје оствари средба со делегација од шпанскиот Сенат, составена од сенатори – членови на Комисијата за надворешни работи.
Муцунски изрази задоволство од посетата, која претставува потврда за одличните односи меѓу двете земји. Тој ја нагласи важноста на парламентарната дипломатија и континуираниот политички дијалог, истакнувајќи ја потребата од почести контакти меѓу претставниците на двата парламенти, со очекување оваа динамика дополнително да се интензивира во претстојниот период.
Говорејќи за европската интеграција, министерот посочи дека процесот треба да биде предвидлив и ненаметнат од билатерални прашања. Потсети и на отстапките направени во изминатите години и долготрајниот период низ кој поминува нашата држава, нагласувајќи дека граѓаните на Република Северна Македонија доследно ги споделуваат европските вредности.
Сенаторите од Шпанија потврдија дека нивната земја останува силен пријател и поддржувач на Република Северна Македонија, вклучително и во однос на членството во Европската унија. Тие ја нагласија важноста од интегрирањето на државата во европското семејство, како основа за понатамошно продлабочување на соработката.
Во разговорот беше посочена и одличната динамика на билатералните односи, како и потенцијалот за нивно дополнително унапредување, со акцент на економијата, инвестициите, културата и туризмот. Беше оценето дека оваа средба, како и активностите во рамки на посетата, ќе придонесат за натамошно јакнење на блиските и пријателски односи меѓу двете земји.

