Македонија
Бачев испрати писмо до Трамп: Моите мисли и мислите на Македонците се со вашата победа
Во пресрет на претседателските избори во САД на 3 ноември 2020, претседателот на Единствена Македонија Јанко Бачев денес упати писмо до претседателот на САД, Доналд Трамп во кое ја искажува поддршката од неговата партија. Бачев во писмото вели дека победата на Трамп може да придонесе за спречување на „длабоката држава“ во Македонија да го избрише името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ.
„Моето обраќање до Вас се темели врз едноставна правдина – да ја држиме судбината во наши раце и врз желбата на мојот македонски народ гордо да ја ставиме Македонија на прво место во согласност со вашите залагања да ги ставаме своите земји на прво место и дека тоа е во ред и тоа е она што треба да го правиме“, се вели во писмото на Бачев.
Тој понатаму додава дека „длабоката држава“ преку дипломатски претставници на САД со години во Македонија инсталира марионетски влади, назначува претседатели на политички партии, фалсификува избори, но и поставува архитекти за бришење на Македонците од светската мапа на нации. „Длабоката држава“, пишува Бачев, ја подарува Македонија на Бугарија, Грција и Албанија преку бришење на се што е македонско.
Бачев тврди дека последните избори биле фалсификувани, а активностите на дипломатските претставници на САД во Македонија се во целосна спротивност со заложбите на Трамп за иднината на нациите и државите во светот.
„Македонците веруваат во вас и мислат дека тоа е вистинскиот избор. Македонија со САД ги врзува посебно пријателство. Моите мисли и мислите на Македонците се со вашата победа на изборите. Со нетрпение ја очекуваме информацијата за вашата победа на 3 ноември. Се надевам на континуиран развој на срдечни и продуктивни односи меѓу САД и Република Македонија засновани на принципите кои силно ги промовирате. Знам колку овие прашања се важни за вас и длбоко го ценам времето што ќе го употребите да ги разгледате моите размислувања“, додава Бачев.
Тој бара од Трамп да го предупреди за секакви пречки за кои гледа дека стојат на патот за елиминирање на „длабоката држава“ и во Македонија.
Бачев го информира Трамп дека Македонците во САД масовно го прифаќаат повикот од Единствена Македонија да гласаат на 3 ноември за неговата кандидатура.
„Денес бројката на Македонци во САД е околу 200.000. Јазикот на кој зборуваат Македонците во САД е македонски кој уште во 1920-тите бил забележан во американските пописи. Бог да ве благослови, г-дине претседателе. Бог да ја благослови Америка. Бог да ги благослови нациите во светот. И Бог да ја благослови Македонија и сите патриоти во светот“, завршува Бачев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

