Македонија
Бачев од Ранковце, Нагоричане и од Куманово: Убеден сум, народот ќе донесе историска одлука за бојкот
Карванот на Кризниот штаб против референдумот вчера во рамките на кампањата „Македонија бојкотира“ одржа повеќе средби и собири во општините Ранковце, Младо Нагоричане и Куманово. На собирот се зборуваше за значењето на референдумот да не успее, граѓаните масовно да се определат за бојкот и за неизлегување на 30 септември, со што одлучно се кажува „не“ на промената на името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ.
Координаторот на Кризниот штаб против референдумот, Драган Угриновски, ги повика граѓаните да не се плашат од заканите и притисоците на пучистичката власт во Скопје акцентирајќи ја одговорноста на сите нас во овие историски моменти да ги одбраниме државата и македонскиот народ од сите оние што сакаат да нè избришат како Македонци.
„Како офицер што целиот работен век го поминав во Армијата, сакам силно да ве уверам дека сплотени и здружени како Македонци овој пат ќе успееме да ја одбраниме татковината од сите обиди за рушење на Македонија и Македонците. Секој ден сме низ Македонија и сакам да ви ја пренесам пораката од народот дека е цврсто решен да ги одбраниме името и идентитетот. Ве уверувам дека Македонија ќе победи, Македонија на Македонците“, истакна Угриновски.
Лидерот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, кој е дел од Кризниот штаб против референдумот, составен од повеќе од 70 организации, повика на бојкот и неизлегување на референдумот и на тој начин на 30 септември да ја сочуваме македонска Македонија.
„Одлуката референдумот да не успее мора да ја донесеме сите заедно затоа што се работи за нашата заедничка татковина, за нашата иднина. Не верувајте им на популистичките лаги на власта дека чекаат милијарди евра од ЕУ да дојдат во Македонија, бесплатно здравство и образование за Македонците во земјите членки на ЕУ. Не верувајте ѝ на марионетската власт во Скопје оти животот дојде само за врхушката на власт и за нивните бизниси и тие сакаат членство во НАТО оти НАТО им го гарантира украденото на сите оние што извршија грабеж на народот. НАТО не го интересира грабежот, туку само сака послушни политичари што ќе му служат верно. Голема е одговорноста на оваа генерација Македонци, нашите предци не успеале во 1913 кога Македонија била поделена, да не дозволиме и за нас по 100 години, да пишува во книгите дека и ние не сме успеале. Убеден сум дека народот ќе донесе историска одлука за бојкот и неизлегување на референдумот. Затоа, сите заедно на нозе, се креваме да спречиме да се избрише сè што е македонско. Нашата борба е исправна, ова не е битка за поединци, лидери или за власт, ние се бориме Македонците да не бидат избришани од светската мапа на нациите, се бориме за опстанок на цел еден народ, нашата борба е света должност и затоа Македонија ќе победи“, рече, меѓу другото, Бачев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.
Македонија
„Сè беше легално и со дозволи“: како Македонија учествувала во проектот со мозоци што беше споменат во документите за Епстин
Македонија била вклучена во меѓународен научен проект кој се споменува во документите поврзани со починатиот американски милијардер Џефри Епстин,пишува Дојче веле.
Станува збор за проект во кој американски научници поврзани со Универзитетот „Колумбија“ создале голема банка од човечки мозоци наменета за истражување на самоубиства, шизофренија и други психијатриски нарушувања. Во документите се споменува и Македонија како една од земјите што придонеле со примероци.
Поранешниот директор на Институтот за судска медицина во Скопје, професорот Алексеј Дума, за ДВ објаснува дека Македонија учествувала со ограничен број примероци и дека сè било спроведено според закон, а секој примерок морал да има одобрение од македонскиот и американскиот Етички комитет.
„Примероците најлегално патуваа со авион, поминуваа царина и за нив имаше целосна документација. Без дозвола — примерок не можеше да влезе во САД“, вели Дума и ја отфрла можоста за профит од целата постапка.
Тој појаснува дека од Македонија биле испраќани околу 10 до 15 примероци годишно, и дека бројката од околу 1.000 мозоци се однесува на целата меѓународна колекција, а не на македонските примероци.
Проектот, според Дума, донел значајни научни резултати, нови сознанија за поврзаноста меѓу шизофренијата и самоубиствата, како и опрема, лаборатории и можности за докторски студии за македонски научници.

