Македонија
Бачев: Со највисоките три државни фукнкции треба да раководат православни Македонци

Ќе ги поништиме антимакедонските договори со Грција и Бугарија и ќе направиме реален попис оти мора да се преброиме, истакна Јанко Бачев од коалицијата „Никогаш северна, само Македонија”, кој денеска е во Росоман, Кавадарци и во Неготино.
„Македонија ќе ја уредиме како национална држава на македонскиот народ со гарантирана положба на сите национални малцинства во државата. Службен јазик во РМ ќе биде македонскиот со неговото кирилско писмо и за таа цел се поништи и Законот за двојазичноста“, рече Бачев.
Тој говореше за нивната определба највисоките три државни функции – претседател на владата, претседател на државата, претседател на Собранието – да ги водат Македонци, кои се православни.
„Зошто го велам ова? Ние во 2017 имавме една поразителна ситуација во која трите државни функции не ги водеше Македонец и православен. Ѓорге Иванов не е Македонец, а е православен, Зоран Заев е Македонец, а не е православен, Талат Џафери не е православен и не е Македонец. Оттука, ние ја промовираме таа идеја како во сите нормални земји како што е денеска. Да го споменам примерот со Англија, таму нивните безбедносни сили МИ6 и МИ5 прават проверки до трето колено за кандидат за премиер кој мора да биде Британец. Значи, како во сите нормални држави, посебно во монархиите, ние ја застапуваме оваа идеја во иднина трите државни функции да ги води Македонец и да биде православен. Да не бидам погрешно разбран, ова не е некој шовинистички излив во сите останати функции на власта можат да бидат и Турци, Албанци, Власи, Срби, Бошњаци сите останати малцинства“, рече Бачев.
Тој порача дека ова се историски избори и своевиден референдум бидејќи народот ќе каже дали ќе се зацементира бришењето на сè што е македонско од оваа власт и ќе победат националните патриотски сили на Македонија, кои ќе ја вратат на изворните атомски илинденски определби.
„Ги повикувам граѓаните масовоно да гласаат за нашата колаиција. Освен стратешките определби, исто така имаме предвидено 1.066 мерки во социјално-економската сфера. Ние ќе направиме ревизија и враќање на украденото во криминалната пост приватизација. Се сеќавате во 90-те десетина транзициски бандити го украдоа целото општествено богаство што години го создаваа сите работни луѓе во социјализмот. ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2016 во таа постприватизација грабежот го продолжи. Во изминатите 30 години во позиција од власт се украдени околу 15 милијарди вера. Сето тоа мора да се одземе и конфискува. Ќе воведеме минимум 10 години затворска кражба за буџетски пари, а сериозно размилсуваме да ја вратиме и смртната казна за сторени тешки дела против народниот имот. Ќе ги укиниме приватните извршители, исто така ќе направиме ревизија и на лихварскиот банкарски систем, кој во моментов немилосрдно го краде народот. Сето тоа се економски бројки како што спомнав во вкупна бројка од 1.066“, додад Бачев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.
Македонија
(Видео) Според СДСМ, надворешната политика доживува дебакл

Андреј Жерновски од СДСМ, на денешната прес-конференција ја оцени надворешната политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како дебакл без ниту еден успех.
Жерновски изјави дека, по една година владеење, Македонија се соочува со „сериозно влошена меѓународна позиција“, без напредок на европскиот пат, без нови инвестиции и со зголемена царина од страна на САД. Според него, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски не остварил ниту еден договор или резултат на дипломатски план.
СДСМ ја критикува и состојбата со дипломатската мрежа, која, како што рече Жерновски, е „разурната, партизирана и нефункционална“, а Македонија се наоѓа „на периферијата на демократскиот свет“.
Како посебно загрижувачка точка беше истакната и заканата, како што наведуваат од СДСМ, за можно бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент, што партијата го поврзува со актуелната надворешна политика на МНР.
Жерновски рече дека за време на владеењето на СДСМ бил обезбеден македонскиот јазик во официјални документи на ЕУ, вклучително и договорот со ФРОНТЕКС, без фусноти и дополнителни објаснувања.
„Тој успех денес е доведен во прашање поради вазалската политика на Муцунски и неговиот шеф Мицкоски“, рече Жерновски.
На крајот, порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси, европска иднина и заштитен идентитет и јазик.