Македонија
„Бгнес“: Се очекува Европскиот парламент да ги отстрани „македонскиот идентитет и македонскиот јазик“ од извештајот за Северна Македонија

Следната недела на пленарната седница во Стразбур се очекува мнозинството во Европскиот парламент да ги поддржи амандманите што предвидуваат отстранување на термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на Северна Македонија, пишува бугарската новинска агенција „Бгнес“.
Според медиумот, трите најголеми политички групации – Европската народна партија (ЕНП), Социјалистите и демократите (С&Д) и Обнови ја Европа – постигнале согласност за измените.
Нацрт-резолуцијата, базирана на извештајот на Томас Вајц, според „Бгнес“, ја критикувала геополитичката стратегија наречена „Српски свет“ и имала цел промена на границите на Балканот, вклучувајќи ги Република Српска, Црна Гора, Косово и Северна Македонија.
Покрај тоа, како што се додава, извештајот ја нагласува потребата за отворање на архивите на југословенските тајни служби (УДБА и КОС) и нивно регионално истражување за надминување на тоталитарното минато и зајакнување на демократијата во Западен Балкан.
„Бгнес“ пишува и дека во документот е истакнато и присуството на странски влијанија во Северна Македонија вклучувајќи антиевропски наративи преку медиуми на српски јазик со врски кон Кремљ, како и континуирани активности на руски тајни мрежи, што било потврдено со протерување 13 руски дипломати помеѓу 2018 и 2023 година.
Се нагласува дека земјите од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, се изложени на хибридни закани, дезинформациски кампањи, стратешка корупција од Русија и од Кина.
Посебна загриженост, како што пишува агенцијата повикувајќи се на извештајот, предизвикуваат улогите на Унгарија и на Србија во поддршка на геополитичките цели на Кина и на Русија, како и ризикот од економска зависност преку нерамноправни кредитни договори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.