Македонија
Беким Незири е во полициска станица по нападот врз вработените во контролата за летање

Претседателот на партискиот разгранок на ДУИ во Чаир и вработен во Македонската навигација (М-НАВ), Беким Незири, е во полициска станица и со него се врши службен разговор во врска со вчерашниот напад во М-НАВ.
„Во врска со вчерашниот напад врз вработени во М-НАВ, во полициска станица по налог на ОЈО се врши службен разговор со Б. Н.“, објави МВР.
Министерството за внатрешни работи синоќа информира дека во полициска станица се четири лица поврзани со нападот и со кои се врши службен разговор и дека се трага по уште четворица.
Според официјалните информации, тројца вработени во контролата на летање биле нападнати вчера од свој колега и уште неколку други непознати лица.
МВР вчера за случајот го објави следното:
„Денеска (4.1.2024), во 15:15 часот, во ПО Петровец, лице вработено во М-НАВ пријавило дека во објектот имало нарушување на јавниот ред и мир, односно дека Б. Н. (лице вработено во институцијата) заедно со уште неколку непознати лица физички ги нападнале П. Б., Е. К. и Б. Р. (лица вработени во институцијата). Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје се упатени кон местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, се вели во вчерашното соопштение на полицијата.
Од Обвинителството денеска информираа дека во текот на денот ја очекуваат кривичната пријава од Министерството за внатрешни работи.
На нападот претходеше објавата дека до 30 оставки ќе бидат поднесени од вработени во М-НАВ поради наместени конкурси и партиски вработувања.
Претседателот на Синдикатот на контролите на летање, Александар Тасевски, потоа рече дека групата што упаднала во зградата не била спречена од обезбедувањето и предупреди дека вакви инциденти може да ја загрозат безбедноста во авијацијата кога секој може од надвор да влезе во објектот и да нападне вработени, кои во тој момент извршуваат работни обврски.
Владата најави дека на следната седница ќе го разреши целото раководство во М-НАВ. Ковачевски ќе ги повика Јавното обвинителство, ДКСК, Државниот завод за ревизија, Финансиската полиција и меѓународните тела за контрола на авиосообраќајот да направат целосна ревизија на досегашното работење на М-НАВ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ ги објави имињата на уште тројца кандидати за градончалници

СДСМ ги објави имињата на уште тројца кандидати за градоначалници, со што досега објавени се вкупно 60 кандидатури.
За градоначалник на Пробиштип, партијата го кандидира Драган Анастасов, Драгослав Симоновиќ е кандидат за градоначалник на општина Градско и Борче Гиевски за Зелениково.
„Сите кандидати се чесни, одговорни и посветени луѓе, кои ќе го дадат својот максимум во интерес на граѓаните. Преку изборните програми кои се подготвуваат заедно со граѓаните, со стручни лица и експерти во различни области СДСМ ќе понуди издржани решенија за секоја општинина и ќе претстави нова визија за развој на локалните заедници“, велат од партијата.
Македонија
Јасно и гласно кажав дека не сум се сретнал со Груевски, ВЛЕН манипулира, рече Османи

Бујар Османи, потпретседател на ДУИ и кандидат за градоначалник на Општина Чаир, ги демантираше тврдењата за наводна средба со Никола Груевски за обезбедување пратеници за поддршка на уставни измени.
„Во недостаток на идеи и очекуван пораз на изборите, манипулациите на ВЛЕН продолжуваат во однос за наводна моја средба со Груевски со цел обезбедување на пратеници за подршка на утавни измени. Јасно и гласно кажав дека таква средба немало. Тоа што се служат постојано со лаги и повторување на сите невистини нема да им помогне во кампањата“, рече Османи.
Додаде и дека дговорот на овие оцрнувања ќе стигне на 19 октомоври.
Македонија
Ахмети: Да сакавме да ја поделиме Македонија, тоа ќе го сторевме во 2001 година

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, од партиски собир во Чаир порача дека тврдењата оти Албанците сакаат да ја поделат Македонија се измислени од одредени политичари. Тој нагласи дека ако тоа било вистина, тоа можело да се случи уште во 2001 година со 15.000 вооружени лица.
Ахмети додаде дека ДУИ е за унитарна држава, рамноправна за сите, и дека е потребна правна држава со истраги за приватизацијата и поранешните функционери.
„Но, ние сме за унитарна држава, рамноправна за сите. А не еден да биде аргат, а другиот ага. Ние не сакаме да живееме во сопствената земја како кираџии“, рече Ахмети.
Лидерот на ДУИ посочи дека иднината на земјата е со стабилност, рамноправност и интеграција во Европа, додека актуелната власт, според него, не направила значаен напредок.
На настанот, Ахмети заедно со кандидатите за градоначалници потпиша „акт за Чаир“ како симбол на националното единство од 2001 година, повикувајќи на борба против дискриминацијата и лошото управување пред октомврискиот референдум.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ по обрќањето на Ахмети истакнаа дека ДУИ не само што не може да ја дели државата, туку може и да завршат во затвор за криминал и затоа што ја разјадуваат Македонија
Од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека ДУИ се во очај што се враќаат на 2001 година, додавајќи дека за време на 23 години власт учествувале во компромитирање на институциите и злоупотреба на етнички теми за лична корист.