Македонија
Беса предлага формирање комисија за реформи во правниот систем со претставници од ЕУ и САД
Дека во Северна Македонија има политизирано судство, партизирани судови, корумпирани обвинители и, генерално, непрофесионален правен систем, ова го потврдуваат сите извештаи на релевантни меѓународни институции, но подобро го потврдуваат и неодамнешните скандали што го вклучуваат и специјалното јавно обвинителство. Оценувајќи го реформскиот процес, а со посебен акцент на предлог-законот за Јавното обвинителство, предложен од оваа Влада, и имајќи ги предвид нашите забелешки за суштината на Законот за Јавното обвинителство и правосудниот систем како целина, денес предлагаме иницијатива за да се формира комисија за реформи во правниот систем од страна на Собранието или претседателот на државата, изјави Биљал Касами од Беса.
Партијата предлага во комисијата да учествуват по еден претставник – експерт во областа на правото и правосудството од Европската Унија и Соединетите Американски Држави, претставници од парламентарните политички партии, кои излегоа на последните избори, експерти, како и претставници од невладини организации, кои имаат експертиза од правосудниот систем. Оваа комисија треба да има задача да обезбеди професионални и ефикасни решенија за конечна реформа на правосудниот систем следен и од страна на САД и ЕУ.
Од предложените решенија на оваа комисија, рече Касами, треба да произлезе процесот на проверка во правосудниот систем, во кој треба да се вклучат претставници на САД и ЕУ не само како набљудувачи туку и во процесот на носење одлуки.
„Сметаме дека е време да се соочиме со реалноста и суштински да ги вклучиме претставниците на САД и ЕУ во овој процес и да излеземе од ова перманентна криза и транзиција и вистински да чекориме во правец на евроинтеграциите и вистински да ги примениме европските стандарди и вредности во нашиот систем. Убедени сме дека нашата иницијатива за формирање комисија за реформи во правосудството е повеќе од неопходна, а во моментот и најдобро решение за да се постигне сеопфатна цел за деполитизација на правниот систем во целина, професионализирање и зајакнување на владеењето на правото и почитување на законот еднакво за сите, без оглед на политичката позиција, односно припадноста во одредена политичка партија, етничка група, верска заедница или друга општествена група“, рече Касами.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

