Македонија
Бесплатен јавен превоз е една од мерките воведени поради загадувањето во Скопје

Јавниот автобуски превоз во Скопје ќе биде бесплатен сѐ додека не се регистрира пониско загадување на воздухот, соопштија од Град Скопје.
Поради зголеменото загадување на воздухот, кое го констатира Министерството за животна средина, Град Скопје усвои низа мерки и препораки ќе се обиде да го намали нивото на штетните ПМ 10-честички во воздухот.
„Во согласност со Законот за квалитет на амбиенталниот воздух и по добиеното известување од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање дека квалитетот на воздухот последователно два дена е надминат над законски пропишаниот миниумум (над 150 μg/m3 среднодневни концентрации на ПМ10) на мерните станици во Центар, Лисиче, Гази Баба и кај Ректоратот, Град Скопје ги информира граѓаните дека ги прогласува следните мерки од прв степен – предупредувања и препораки за намалување на загадувањето на воздухот и заштита на здравјето на граѓаните:
– Бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и на приватните превозници;
– Зајакнат инспекциски надзор на инсталациите под надлежност на Град Скопје;
– Ограничување на градежните активности на објектите во надлежност на Град Скопје;
– Интезивна контрола на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината;
– Зачестено машинско миење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје и препорака на скопските општини да го направат тоа на улиците што се во нивна надлежност;
– Зајакната контрола на имателите на одобренија за доставување стока преку Инспекторатот на Град Скопје. Воедно го повикуваме Министерството за внатрешни работи да спроведе засилени контроли на правните субјекти што поседуваат одобренија за доставување стоки издадени од страна на Град Скопје;
– Апел до вработените во Град Скопје – јавните претпријатија и институциите на работа да доаѓаат со автобусите на јавниот превоз;
– Градоначалниците на општините во градот Скопје да ги интензивираат инспекциските надзори над субјектите што управуваат со отпадни гуми и отпадни масла;
– Министерството за внатрешни работи да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9.30 до 14.30 и по 18 часот;
– Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и општините да извршат засилени контроли над инсталациите што се под нивни ингеренции;
– Министерството за внатрешни работи да ги зајакне контролите на почитување на забраната за движење тешки товарни возила, чија крајна дестинација не е град Скопје, и тие ќе се упатуваат да ја користат скопската обиколница во согласност со поставената сообраќајна сигнализација;
– Министерството за внатрешни работи да врши зачестени контроли на издувните гасови на возилата што учествуваат во сообраќајот;
– Откажување/одложување јавни собири, спортски настани и културни настани на отворено;
– Препорака градежната механизација да не се става во употреба за време на сообраќајниот метеж;
– Да се користи јавниот превоз, возилата да се користат само во непоходни ситуации;
– За затоплување на домовите, да не се користат отпадни материјали, прегорено машинсо масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ-амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал;
– Да се користи суво и чисто дрво, без примеси на земја и отпадоци;
– Печките на дрво да се користат и да се одржуваат според упатствата на производителот;
– Редовно да се чистат оџаците.
Итните мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот се во согласност со краткорочниот акциски план за заштита на амбиенталниот воздух во град Скопје, кој е донесен од Советот на Град Скопје. Овие мерки ќе бидат во сила сѐ додека не се намали загадувањето под прагот за алармирање, односно под 100 микрограми на кубен метар.
Град Скопје ги повикува граѓаните да се придржуваат до дадените мерки и да го сведат своето движење на отворен простор само на неопходни излегувања, малите деца, бремените жени, хроничните болни и постарите луѓе да не излегуваат на улица и да не се проветруваат просториите во кои се престојува. Град Скопје веќе почна со сет системски и конкретни мерки за справување со загадениот воздух и токму ова е еден од најголемите приоритети на кој ќе работи новата градска администрација. Овие комплементарни мерки за обезбедување повисок квалитет на живот за граѓаните ќе придонесат за намалување на нивото на загаден воздух во Скопје, а за секоја настаната промена на состојбата јавноста ќе биде редовно известена“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.