Македонија
Билатерална средба на директорите на царинските управи на Македонија и на Црна Гора
Меѓусебна размена на искуства на патот кон интеграција во Европската Унија, зајакнување на царинската соработка помеѓу Македонија и Црна Гора, како и подобра комуникација и размена на податоци во реално време со цел побрза реакција на службите, зголемена безбедност во регионот и олеснување на меѓународната трговија.
Ова беа главни теми на билатералната средба одржана во Подгорица помеѓу директорот на Царинската управа на Македонија, Бобан Николовски, и директорката на Царинската управа на Црна Гора, Маја Вучиниќ, на која учествуваа и експертски тимови од највисокото раководство на двете институции.
„Оваа средба произлезе од потребата да размениме искуства во процесот на дигитализација и усогласување на царинската легислатива со законодавството на ЕУ, и претставува можност да воспоставиме системска соработка во иднина – во интерес на зајакнување на безбедноста во регионот и подобрување на конкурентноста на економиите на двете земји,“ истакна директорот Николовски.
Особен акцент беше ставен на дигитализацијата на царинските постапки во Црна Гора, како и на можностите за примена на добрите практики од кои Македонија ќе извлече искуства во процесот на усогласување со европските стандарди.
Во рамки на посетата беа одржани и повеќе технички состаноци на експертско ниво, на кои беа договорени идни конкретни чекори:
∙ продлабочување на соработката врз основа на потпишаниот Протокол за електронска размена на податоци преку системот SEED+, кој овозможува размена на информации за стока пред нејзино пристигнување на граница, со што се зголемува ефикасноста на контролите, спречувањето на измами и забрзувањето на легалната трговија;
∙ воспоставување директни контакт точки меѓу секторите за контрола и истраги на двете управи за размена на информации во реално време;
∙ разгледување и споредба на постапките за спроведување на царинските процедури, со цел нивно унапредување и олеснување на трговијата.
Директорката Вучиниќ ги нагласи заедничките цели на двете управи и потребата од меѓусебна поддршка во процесот на пристапување кон Европската Унија.
Двете страни ја потврдија подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната и регионалната соработка, како и силната посветеност на реализација на стратешките приоритети за економски развој и интеграција на регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николовски: Системот на злоупотреби што го создаде Владата ја уништи довербата – земјоделците повторно ќе ја плататат цената
„Колку пати алармирав и предупредував дека во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој се создава систем на клиентелизам, влијанија и злоупотреби?“, порача поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски, реагирајќи по апсењето на директорот на Агенцијата при земање мито.
„Јавно укажував дека ИПАРД 3 ќе крахира, дека со вакви практики се загрозува кредибилитетот на државата пред Европската комисија и се става под ризик целата програма вредна околу 100 милиони евра – пари наменети за развој на македонското земјоделство“, изјави Николовски.
Според него, денешниот скандал е директна последица на политичко поставување на луѓе без интегритет и без компетенции.
„Ова не е изолиран инцидент, туку резултат на владеење кое ги заменува вредностите и професионалноста со партиска послушност“, нагласи тој.
Николовски потсети дека за време на неговиот мандат ИПАРД 2 програмата беше 100% искористена, со 2.369 договори и реализирани инвестиции.
„Срамно е целиот тој успех и довербата што ја изградивме со Европската унија да биде уништена за само една година поради корупција и лични интереси“, додаде тој.
Тој предупреди дека постои реална опасност Европската комисија да ја стопира ИПАРД 3 програмата за Македонија, што би значело блокада на сите исплати и нови повици.
„Ако се случи тоа, земјоделците повторно ќе бидат жртви на корупцијата и неспособноста на оваа власт“, порача Николовски.
Поранешниот министер побара итна одговорност и расчистување со злоупотребите:
„Време е за целосна одговорност. Македонија не смее да си дозволи да ја изгуби довербата во европските институции поради поединци кои го претворија земјоделството во извор на мито и политички влијанија.“
Македонија
Делови од Центар и Сарај в понеделник без вода
Од ЈП Водовод и Канализација, известуваат дека зафатот кој беше најавен за денеска поради одредени технички пречки се одложува за понеделник.
Поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Христо Смирненски 13, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, поточно потегот од Зур – Маркет до бул. Партизански Одреди, во општина Центар.
Исто така во понеделник ќе се изврши редовно чистење на резервоарот за питка вода во село Рашче. За време на активностите во периодот од 09:00 – 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Рашче Копаница и Бојане, општина Сарај.
Македонија
До понеделник променливо облачно време со локални врнежи од дожд
Променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса до понеделник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Од вторник се очекува стабилизирање на времето.

