Македонија
Битиќи: Училиштето „Визбегово“ е израз на посветеноста на Владата да обезбеди еднаков пристап до квалитетно образование за сите
Новоизграденото и модерно училиште „Визбегово“ е израз на посветеноста на Владата да обезбеди еднаков пристап до квалитетно образование за сите, независно од нивното социјално потекло, припадност или место на живеење, изјави заменик претседателот на Владата за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи кој денеска заедно со државната секретарка во Министерството за образование(МОН), Билјана Казанџиска направија увид на ова училиште во скопската општина Бутел.
„Ова ново училиште не само што просторно ќе ги задоволи потребите за одвивање на квалитетен и непречен образовен процес, туку ќе служи и како центар за социјален и културен развој на децата. Со училници опремени за сеопфатна наставна програма, вклучувајќи ги општествените и природните науки, кабинети за музика и уметност, учениците ќе имаат можност да ги истражат и надградат своите различни интереси, вештини и таленти“, рече вицепремиерот Битиќи.
Тој нагласи дека со обезбедувањето сите деца, вклучително и тие со посебни потреби, да имаат пристап до квалитетно основно образование, се зацврстуваат темелите на поинклузивно и попросперитетно општество.
„Преку оваа училиште, како влада имаме за цел на идните генерации од овој дел на Скопје да им даде можност да развијат знаења и вредности кои се потребни и за нашата економија и изградбата на посветла иднина за сите. Образованието служи како камен-темелник на економскиот просперитет на нашата држава, играјќи клучна улога во поттикнувањето на иновациите, продуктивноста и севкупниот економски раст и развој“, рече вицепремиерот Битиќи.
Државната секретарка Казанџиска информираше дека околу 110 милиони денари инвестираше Владата, односно МОН во изградбата на ова ново, модерно основно училиште кое недостасуваше во населбата Визбегово, затоа што овој дел од Општина Бутел се урбанизира, се зголемува бројот на населението, а најмалите е неопходно да учат во близина на местото на живеење.
„Објектот има 20 училници, кабинети по општествени и природни науки, музичко и ликовно образование, лифт за лица со посебни потреби, библиотека и сето она што треба да го има едно модерно училиште. Капацитетот е за 1000 ученици, односно по 500 во една смена, со што, ќе се растеретат другите училишта од оваа општина, но и од Чаир и Шуто Оризари, каде што досега се запишуваа дечињата од оваа населба“, рече државната секретарка Казанџиска, притоа информирајќи дека годинава има најголем буџет за капитални инвестиции од над 1,3 милијарди денари, што е над 50 % повеќе од ланскиот, средства со кои се планира да се реконструираат 90-ина училишни објекти, да се започне со изградбата на 5 нови и да се прошират просторните капацитети во постојните 15-ина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

