Македонија
Блупринт групата: Предложените измени во Кривичниот законик ќе влијаат и врз судските постапки иницирани од СЈО, постои опасност од настапување на апсолутна застареност

Блупринт групата за реформи во правосудството изразува сериозна загриженост во однос на предлог законот за измени на Кривичниот законик по скратена постапка, што кон крајот на август 2023 Владата на РСМ го поднесе до Собранието на РСМ.
„Предлозите за кои реагираме се однесуваат на казните на неколку кривични дела, односно за значително намалените казни за различните облици на кривичното дело од член 353 „Злоупотреба на службена положба и овластување“ со намалување на казната од најмалку 3 години затвор на казна од 1 до 4 години затвор, како и членот 394 „Злосторничко здружување“ со намалување на казната до 10 години на казна до 3 години. Како Блупринт група сметаме за потребно да посочиме дека последиците што можат да настанат од вакви интервенции во законот ќе бидат погубни во борбата против организираниот криминал и корупцијата и ќе ја зголемат и така големата неказнивост за сторителите на овие дела“, пишува Блупринт групата за реформи во правосудството.
„Во достапните материјали во однос на предлогот, се наведува потреба од усогласување на КЗ со меѓународни стандарди и посебно со актите на ЕУ. Меѓутоа, во предлог текстот на законот, не е воопшто наведено зошто се намалуваат казните и кои се стандардите поради кои се предлага намалувањето. Од достапните коресподентни табели во кои е даден преглед на релевантните документи на ЕУ со кои прописот се усогласува, не се спомнати и оценети двете спорни одредби. Дополнително, во предлог текстот на законот како образложение е наведено дека постојат ургентни прашања, кои се појавиле во меѓувреме. За нив се смета дека е целисходно да бидат регулирани за пократок период, бидејќи во секој случај веќе подолг временски период се изработува нов КЗ, што е окарактеризиран како обемен и сложен процес. Кои се овие ургентни прашања не е познато.
Како Блупринт група на граѓански организации која со свој претставник учествува во работната група за изработка на нов Кривичен законик, не се согласуваме со ваквиот пристап, да заедно со измени кои неспорно се неопходни и потребни (на пример воведувањето нови кривични дела против животната средина) да поминат незабележани решенија кои уште повеќе ќе ја намалат довербата на граѓаните во правосудството. Овие предлози ниту се предложени, ниту дискутирани на работната група за изработка на нов Кривичен законик“, се наведува во соопштението на Блупринт групата.
„Сакаме да истакнеме и дека во 2018 година во постапка за усогласување на Кривичниот законик со Истанбулската конвенција беше извршено намалување на казните за определени кривични дела со што се овозможи во дел од предметите иницирани од СЈО да се изречат помали казни, вклучително и условни осуди, како на пример во предметот „Труст“. Дел од граѓанските организации и во тој период јавно реагираа и бараа предлогот да биде повлечен од собраниска процедура, меѓутоа тоа не се случи, а веднаш по донесувањето на конкретните измени истите имаа веќе ефективно влијание во гореспоменатиот предмет.
Последиците доколку овие предлози се донесат како закон ќе бидат особено погубни за борбата против криминалот и корупцијата. Покрај праќањето порака дека ова дело не е помалку општествено штетно од претходно (што се прави со намалувањето на казната) тоа ќе има влијание и преку намалувањето на рокот за настапување на апсолутна застареност. Ова од причина што, пресметувањето на роковите за застареност е директно поврзано и зависи од видот и висината на пропишаната казна за одделно кривично дело, без разлика дали станува збор за застареност на кривичното гонење или пак на извршувањето на казната. Следствено на ова, предложените измени во Кривичниот законик неспорно ќе имаат влијание и врз судбината на судските постапки иницирани од страна на Специјалното јавно обвинителство, а кај кои што постои опасност од настапување на апсолутна застареност, односно предметите со работен наслов: Титаник, Таргет/Тврдина, ТНТ, Титаник 2, Трезор, Талир, Шпански скали и Траекторија. Исто така би сакале да потенцираме дека одделението за организиран криминал и корупција и останатите кривични оддели имаат речиси идентична казнена политика по однос на изрекувањето на санкции иако во одделението за организиран криминал и корупција тежината на кривичните дела е значително поголема со оглед на видот на истите. Во таа насока, нејасна е потребата од дополнително намалување на санкциите за овие дела, имајќи предвид дека и со сегашните предвидени казни за овој вид дела, се изрекуваат значително ниски казни.
Уставот на РСМ иако забранува ретроактивна примена на прописи, прави исклучок доколку подоцнежниот пропис е поповолен за граѓаните. Со други зборови лицата кои ги сториле овие дела во последните 10 до 15 години ќе имаат непосредна корист и ќе избегнат кривична одговорност. Со оваа политика ќе се зголеми недовербата на граѓаните бидејки ефектот од истата е уште поголема неказнивост на сторителите на кривичните дела кои засегаат во сферата на јавниот интерес (корупција, организиран криминал итн).
За крај, не помалку важно, доколку овие измени бидат направени, а како што впрочем и самиот Кривичен законик предвидува, покрај остварувањето на правдата, постоењето на казнено-правниот систем има за цел и превенција, што значи дека со казнувањето треба да се овозможи и остварување на специјална и генерална превенција. Со ваквото намалување на пропишаните казни, а имајќи ја предвид исклучително тешката и сериозна моменталната состојба во државата во поглед на справувањето со организираниот криминал и корупцијата, навистина е дискутабилно дали во иднина ќе може да се постигне во прв план специјалната, а потоа секако и генералната превенција. Дотолку повеќе што, остварувањето на превентивната цел со казнувањето, било да станува збор за едниот или другиот вид на превенција, првенствено зависи од видот и висината на пропишаната казна, односно нејзината пропорционалност со тежината на стореното кривично дело.
Бараме од пратениците во Собранието на РСМ да се впуштат во подлабинско елаборирање на потребата од ваквата измена пред да пристапат кон понатамошниот процес. Ја повикуваме и експертската јавност да се произнесе за овие предлог измени и за евентуалните последици кои истите би ги имале во пракса“, се додава во соопштението на Блупринт групата за реформи во правосудството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.