Македонија
Групата „Блупринт“ се повлекува од процесот за изработка на новиот Кривичен законик: „Постапката суштински го озаконува незаконитото“
Групата на граѓанските организации за реформи во правосудството„Блупринт“ соопштува дека се повлекува од понатамошно учество и давање придонес во процесот на изработка на новиот Кривичен законик.
Тие сметаат дека нивното учество е беспредметно во постапка, која, како што велат, „суштински го озаконува незаконитото, што е дополнително спротивно на нашата мисија за конструктивно, транспарентно и засновано на докази градење политики“.
„Клучната причина за нашето повлекување од процесот се последните измени на Кривичниот законик од 6 септември 2023 година, што беа предложени од страна на Владата на РСМ. Постапката во која беа донесени и содржината на овие измени во делот на трите клучни дела за борба против корупција се целосно спротивни на владеењето на правото. Измените во трите спорни кривични дела беа донесени со заобиколување на работната група, која работи на нов Кривичен законик, без нејзино консултирање, без соодветно консултирање на стручната јавност, како и без претходно анализирање и проценување на потребата од тоа“, соопшти групата „Блупринт“.
„Во ваква ситуација и состојба сведоци сме на дрска злоупотреба на т.н. европско знаменце, европско право и казнени политики во овие рамки. Успешниот обид за измени и намалување на казните на трите клучни дела за борба против висок криминал и корупција озакони хронично неказнување високи функционери и вршители на јавни функции. Новата политика, наместо да ја врати довербата на граѓаните во законодавната и извршната власт, уште повеќе влијае кон нејзино поткопување, со недвосмислено праќање порака до обичниот граѓанин дека плаќа двојно.
Дополнително, неминовно и тесно поврзано со нашиот став за повлекување од процесот за изработка на нов Кривичен законик е и нашата одлука за неодамнешното повлекување од работната група за изработка на нацрт-предлогот за Законот за конфискација на имотот во граѓанска постапка. Неоспорно е дека и Кривичниот законик и Законот за конфискација на имотот во граѓанска постапка се суштински и тематски поврзани во борбата против криминалот и корупцијата. Оттука, доколку постои намера преку намалените казни во Кривичниот законик да дојде до застареност на кривичното гонење, а преку Законот за конфискацијата во граѓанска постапка да се создаде привид дека ќе се одземе нелегално стекнатиот имот, тогаш се работи за пристап со кој суштински и концептуално не се согласуваме.
Вклученоста на граѓанскиот сектор во процесите на креирање политики е од суштинско значење за владеење на правото, но доколку граѓанскиот сектор е навистина вклучен во нив преку конструктивно работење. Вклученоста на граѓанскиот сектор не смее да се користи како алатка за давање легитимитет на процесите и да служи како декор во рамките на работните групи за измена на закони.
Со оглед на целосната состојба, каде што се дава легитимет на нелигитимното, групата „Блупринт“ нема да учествува во процеси во кои правото и правниот систем се извртуваат и злоупотребуваат, личниот интерес на поединци ги надминува јавниот интерес и општественото добро, а политичките цели и интересите се издигнуваат над темелните вредности“, се додава во соопштението на групата „Блупринт“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

