Македонија
Богоев: Денот на Царината го одбележуваме со високи резултати во приходите, сузбивањето на криминалот и реформските процеси за забрзана интеграција во ЕУ

„Приходите на Царината во 2023 година растат по секој основ, бројот на случаи на заплени е зголемен за 30 проценти, на кривичните пријави за 60 проценти, а инвеститорите во нас препознаа доверлив партнер и јавно не издвоија како институција од чија работа се најмногу задоволни. Резултатите се доказ за нашата посветеност која ќе продолжи и натаму со уште поголем елан бидејќи само така ќе одиме напред и ќе овозможиме забрзан економски раст и подобра иднина за нашите граѓани. Целта ни е повисоки приходи во Буџетот, односно повеќе пари за училишта, здравство и патишта, зајакнување на конкурентноста на македонското стопанство преку олеснување и забрзување на трговијата и сузбивање на корупцијата и криминалот“.
Ова го истакна директорот на Царинска управа, Стефан Богоев, на денешниот настан по повод одбележување на 32 години од основањето на Царинската управа, на кој свое обраќање имаше и министерот за финансии Фатмир Бесими.
Богоев потенцира дека подобрените резултати се соодветно вреднувани со потпишување на колективен договор со кој се подобрени условите за работа, а платите се зголемени за 43 проценти, до јуни царинските службеници ќе добијат и нови униформи со коишто достојно треба да ја претставуваат Царината, а обезбедени се и нови простории.
Богоев рече дека во претстојниот период следува реализација на нови развојни проекти од што бенефит ќе имаат сите македонски компании, а управата посветено работи на реформи и имплементација на напредни ИТ системи со цел забрзана интеграција со единствениот пазар на ЕУ и влез во Унијата.
„Царинската управа е чувар на финансиските интереси на државата, игра значајна улога во остварување на економските приоритети кои обезбедуваат одржлив економски раст, повисок животен стандард и квалитет на животот на граѓаните. Оттука, градењето современа царинска служба и понатамошно забрзување, олеснување и дигитализација на царинските постапки значи брза и сигурна размена на стоки, услуги и капитал и олеснување на условите за водење бизнис. Во таа насока клучно е да останеме на цврстата посветеност на спроведување на реформите и на тој начин да бидеме подготвени и на предизвиците наметнати од брзата глобализација на трговијата“, истакна министерот за финансии Фатмир Бесими честитајќи го 32-годишното постоење на Царинската управа.
По повод одбележување на Денот на Царината – 14 април, беа доделени и плакети за ТАВ аеродроми и за Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор. Богоев воедно во име на Управата додели и признанија за успешна работа на царинските службеници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Гази Баба и Кисела Вода денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од село Инџиково од улиците: 3, 7, 14, дел од ул. 10 и дел од ул. Маџари. (Општина Гази Баба)
· од 08:30 до 15:30 часот, корисниците од дел од ул. Студеничанска и дел од ул. Драчевска. (Општина Кисела Вода)
· од 09:30 до 13:30 часот, корисниците од ул. Добре Ивановски, и дел од ул. 22 во нас. Инџиково. (Општина Гази Баба)
Македонија
Денеска максималната температура до 38 степени, од утре потопло

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток до средината на наредната седмица кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надмине 40°C. Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.