Македонија
Богоев од Кореја: Македонската Царина како лидер во регионот добива пристап до нови 10 милиони долари за развојни проекти од корејската влада
Нови меморандуми за соработка помеѓу македонската и корејската царина во рамките на кои на Царинската управа на РС Македонија како лидер во регионот ѝ се овозможува пристап до нов фонд до 10 милиони долари за развојни проекти, беа потпишани во седиштето на Царинската служба на Република Кореја во Сеул. Од македонска страна меморандумите беа потпишани од страна на директорот на Царинската управа, Стефан Богоев, кој е во дводневна посета на Царинската служба на Република Кореја, што се реализира во рамките на неодамнешниот потпишан меморандум за соработка, со што на македонската Царина ѝ беа доделени 4,8 милиони долари грант за развој и имплементација на систем за управување со ризици и податочен склад, известуваат од Царинската управа.
„Користењето на вештачка интелигенција за селекција на сомнителни декларации од базата на податоци е во насока на прибирање повеќе приходи во буџетот, како и сузбивање на криминалот и корупцијата. Воспоставувањето на овој систем ќе овозможи подобро таргетирање декларации во кои постои ризик за плаќање давачки во помал износ од реалната цена на стоката, ризик од погрешно царинско распоредување или ризик од неточно пријавување на потеклото на стоката“, истакна Богоев.

Во рамките на посетата од страна на експертите од корејска Царина беше презентиран како функционира во пракса тамошниот систем за анализа на ризик преку користење вештачка интелигенција и управување со големи сетови на податоци.
Воедно, беше презентиран и информатичкиот систем за обработка на царинските декларации, како и софтверските решенија за обработка на увозот и извозот на мали пратки во е-трговијата.
„Размената на искуства во делот на е-трговијата е значајна во креирањето политики сè со цел унапредување на царинскиот третман во овој дел, како и поголема заштита на финансиските интереси, но и зајакнување на безбедноста на малите пратки“, потенцира Богоев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

