Македонија
Борел: Бугарското вето да се укине до крајот на јуни или ќе имаме криза во односите со Западен Балкан
Високиот претставник за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, повика веднаш да почнат преговорите за пристапување на Северна Македонија и Албанија во ЕУ. Тој изјави дека ќе продолжи притисокот врз Бугарија и Северна Македонија за решавање на билатералниот спор.
Борел побара бугарското вето да се укине до крајот на француското претседателство, кое истекува на крајот на јуни.
„Постои потреба од помирување на Западен Балкан. И постои јасен став дека треба веднаш да почнеме преговори со Северна Македонија и Албанија, го нагласувам ова. Сакам да појаснам дека ова е моја лична заложба како висок претставник за надворешни работи и безбедносна политика“, рече Борел.
Тој истакна дека доколку не се најде решение за бугарското вето, тоа ќе биде подарок за Русија и ќе ѝ даде причина да посегне уште повеќе:
„Секако дека ова мора да се надмине. Постои силна волја и политичка посветеност од страна на Советот да се изврши притисок за да се избегне кризата што може да настане доколку прашањето не се реши до крајот на француското претседателство. Доколку тоа не се случи, морам да признам дека ќе има сериозна криза во нашите односи со Западен Балкан. Затоа, ќе сториме сѐ што е можно, ќе извршиме секаков можен притисок врз двете страни за да се постигне договор“, рече Борел.
Претходно денеска, бугарскиот претседател, Румен Радев, изјави дека не треба да се дозволи легитимација на македонизмот. Во ЕУ нема место за идеологии од поранешна Југославија и Коминтерната, изјави Радев по средбите со германскиот државен врв во Берлин.
Како што пренесе „Дојче веле“, бугарскиот претседател уште еднаш сигнализира дека нема намера да отстапи од ветото за Северна Македонија во ЕУ. По средбите со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер и канцеларот Олаф Шолц во Берлин, Радев на брифинг со бугарските новинари соопшти дека позицијата на Софија наишла на разбирање од неговите германски соговорници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

