Македонија
Бочварски: Годинава ќе има силна изградба на патишта
Оваа година ја бележиме како година во која имаме предвидено историски најголем буџет за изградба и реконструкција на патната мрежа во државата, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, на форумот по повод 100 дена Влада.
„Го завршивме експресниот пат Штип – Радовиш, инвестиција од над 60 милиони вера. Работиме активно на изградба на автопатот Кичево – Охрид, а во меѓувреме цел тим работи на процесот за доизградба на Коридорот 8 на ниво на модерен автопат“, посочи министерот додавајќи дека се работи и на изградбата на автопатската делница од Скопје до граничниот премин Блаце кон Косово.
Во однос на експресните патишта, тој потенцира дека на терен има, како што рече, силна градежна активност на трите експресни патишта за што се инвестирани вкупно 135 милиони евра.
Бочварски додаде дека се продолжува и со реализација на капиталните инвестиции во делот на железницата, каде што се очекува оваа година да се почне со изградба на пругата кон Бугарија, од Куманово до Крива Паланка.
„Градежната механизација е секаде на терен, следува силна градежна сезона оваа година, која ќе продолжи и во следниот период. Само да илустрирам во бројки што во моментот градиме, а тоа е 59 километри автопатски делници, а се подготвуваме за нови 140 километри автопатски делници. Се градат 118 километри експресни патишта, од кои веќе привршуваат 54 километри. Во делот на железницата, во поновата историја на државата ова е најголемата инвестиција со речиси 200 милиони евра за изградба на двете фази кон Бугарија“, истакна министерот Бочварски.
Тој најави дека во следниот период ќе се работи и на реконструкција на магистралните и регионалните патни правци, како и санација на локалните патишта во општините како директна помош за општините.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

