Македонија
Бочварски – Рустеми: Не прифаќаме калкулации, рокот за изградба на автопатот Кичево – Охрид мора да се запази

Автопатската делница од Кичево до Охрид е врвен приоритет и не прифаќам никакво пролонгирање, нема повеќе калкулации и рокот мора да биде почитуван, истакна министерот Бочварски, кој денеска заедно со заменик-министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи, и директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, изврши увид во градежните активности на Поделницата 5 од автопатот Кичево – Охрид, кај населеното место Горенци.
Тој информира дека изградбата се одвива со силно темпо. Моментно на терен работат повеќе од 700 работници, со над 280 градежни машини, а вкупниот прогрес на автопатот до овој момент изнесува 70 проценти.
„Од состојба што ја наследивме, која беше катастрофална, денеска имаме јасна слика. Автопатот остана приоритет и сега се одвиваат асфалтерски работи што се завршни работи во изградбата. Денеска, ќе се вградат 320 тони асфалт прв слој, а веќе од утре се засилуваат асфалтерските работи, каде што ќе се вградуваат и по 900 тони асфалт дневно. Како што не информира надзорот, очекуваме десната лента од Требениште кон Охрид да биде комплетно завршена и пуштена за сообраќај на почетокот на август, а левата ќе биде завршена и пуштена во сообраќај до крајот на оваа година“, изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Комплетно е завршено препроектирањето на 25 % од трасата, инфраструктурните проекти се одобрени од Министерството за транспорт и врски и компаниите имаат чист терен за работа. Градежната механизација е распоредена на секоја позиција од Кичево до Охрид, додаде министерот Бочварски.
Директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, истакна дека, покрај овие 57 километри автопат, се градат и уште дополнителни 30 километри пристапни патишта.
„На денешниот увид со министерот Бочварски констатиравме дека 95 % од трасата на автопатот Кичево – Охрид е пробиена. Се сретнавме со изведувачот, динамиката на изградба тече со силно темпо. Се работи на изградбата на голем број вијадукти, на неколку клучки, паралелно и на алтернативните и пристапни патишта, а исто така активно се работи и на тунелот, чиј прогрес во овој момент изнесува 95 %“, изјави директорот Рустеми.
Вредноста на изградбата на овој автопат е 598 милиони евра, според рокот предвиден до договорот со изведувачот, тој треба да се заврши до декември 2023 година.
Оваа автопатска делница е дел од Коридорот 8, стратешки коридор за кој што Владата е силно посветена на неговата доизградба и модернизација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Францускиот предлог претставен пред Стратешкиот совет на МНР

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, синоќа го свика Стратешкиот совет за надворешна политика со цел одржување на консултации за предлогот на ЕУ за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија.
Стратешкиот совет претставува еден од столбовите за изградба на долгогодишната стратегија за надворешна политика на Северна Македонија, во процесот кој се иницираше минатата година од страна на Министерството – Рефлексија2030.
Османи на состанокот детално ги образложи главните елементи од последниот предлог, кои, како што рече, не задираат во идентитетските прашања и после речиси две децениски кандидатски статус овозможуваат да се отвораат заслужените пристапни преговори.
„Во светло и на пошироките геополитички импликации, како резултат на руската агресија врз Украина и потребата од политичка стабилност и предвидлив развој на нашиот регион, продолжувањето на нашите европски интеграции особено добива на значење.“, нагласи Османи.
Од МНР коментираат дека консултациите со сите релевантни општествени чинители претставуваат важен аспект од процесот на донесување на конечна одлука за овој историски момент за насоката на која ќе се движи државата.
Македонија
Шарл Мишел во посета на Скопје

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, денес пристигнува во посета на Скопје.
Се очекува Мишел во рамките на посетата да ја покаже поддршката на ЕУ за францускиот предлог и да ја потврди заложбата за македонските евроинтеграции.
Од Владата информираа дека во рамки на посетата високиот претставник од Советот на Европа ќе има тет-а-тет средба со претседателот на Владата, Димитар Ковачевски. Потоа е предвидено да присуствува на владината седница, по што во 13:15 часот премиерот Ковачевски и претседателот на Советот на Европа Мишел, ќе одржат заедничка прес-конференција
Македонија
Сончево и топло време, попладне пороен дожд и грмежи

Времето претпладне ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Попладне и во вечерните часови ќе има развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер, наместа со услови за појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 21, а максималната ќе достигне од 31 до 39 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен северозападен ветер. Попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 37 степени, информираат од УХМР.
Денес, ќе се задржи многу топло време, во попладневните и вечерните часови ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
В среда на повеќе места ќе биде нестабилно и ќе има пад на температурата, особено во северните делови за 3 до 5 степени. Нов влажен бран со пад на температурата насекаде ќе има од петок и за време на викендот. Од денес до крајот на периодот ќе има појава на локално невреме со интензивен пороен дожд, град и силен ветер.