Македонија
Бојковска: Додека со СДС и ДУИ имавме урнисано образование, ова Влада прави реформски чекори за поквалитетно образование за нашата младина
Образованието е темел на секое општество, но просветните работници се столбот врз којшто се гради иднината на државата. Токму затоа прашањата за нивниот статус и достоинство мора да биде високо на агендата на секоја одговорна влада. Го поздравувам договорот кој беше постигнат меѓу владата и СОНК, со што се утврди јасна и предвидлива методологија за растот на платите на просветните работници. Ова решение беше позитивно поздравено и од синдикатот, затоа што за прв пат нуди системски решавања, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Бојковска на денешната собраниска седница за пратенички прашања, прашувајќи го претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, за колкав процент ќе се зголемат платите во 2026 година и дали овие средства се обезбедени во буџетот, со оглед на тоа што владата вети раст на платите на просветните работници.
Бојковска додаде дека за разлика од ова, претходната влада на СДС и ДУИ не успеа да потпише колективен договор за претходните работници, оставајќи го образовниот кадар без јасни гаранции, со ад хок решенија и празни ветувања.
„Додека со нив имавме урнисано образование, ова влада прави реформски чекори за поквалитетно образование за нашата младина. Со квалитетно образование, но и со квалитетен, мотивиран и задоволен образован кадар сигурна сум дека Македонија ја очекува успешна иднина. Нашите млади умови и нашите просветни работници, нашите вредни млади кадри се, исто така, нашата иднина. Јас силно ги уверувам дека со оваа Влада имаат сигурен партнер и затоа да продолжат да вложуваат во своето образование“, рече Бојковска.
Во однос со реформската агенда, Бојковска потенцираше дека во изминатиот период во владата имаше бројни работни состаноци поврзани со нејзиното спроведување, што јасно укажува дека ова прашање е висок нејзин приоритет.
„Во јавноста веќе истакнавте дека постои јасен план и фокус, особено во делот на законите од областа на енергетиката, на пазарот на електрична енергија, како и на реформските закони во правосудството. Тука би сакала да го потенцирам и Планот за реформи и раст што Европската Унија го одобри второто ослободување на средствата за Република Македонија во рамките на инструментот за реформи и раст за Западен Балкан. Со оваа одлука се одобрува вкупен нето износ од 16 милиони евра, како и комбинирана поддршка. Дел неповратни средства, дел заем. Со оглед на тоа дела дел од овие процеси се комплексни и со среднорочна временска рамка, а истовремено се од големо значење за граѓаните и за европската агенда на државата, моето прашање би било, каква е динамиката што владата ја има за спроведување на реформската агенда во наредниот период, кои се клучните чекори коишто следуваат и што конкретно може да очекуваме како резултат во текот на следните месеци“, праша, меѓу другото, пратеничката Бојковска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во домот на судија од Апелација пронајдени соѕидани 350.000 евра
Во рамките на опсежна истрага на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција иницирана откако на 14 декември беше осомничен адвокат поради сомненија за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание, во континуитет интензивно се преземаат дејствија што резултираа со проширување на постапката и кон судија, осомничен за Противправно стекнување и прикривање имот за кој постојат сомненија дека е прибавен меѓу другото со дејствија на корупција и трговија со влијание. Според информациите, се работи за судијата Ѓоко Ристов од Апелацискиот суд во Скопје.
„Врз основа на наредба што јавниот обвинител ја побара и обезбеди од надлежниот суд денеска беше извршен детален претрес на локација во Неготино, во домот на родителите на сега осомничениот судија, каде соѕидани во простор во ѕидот до овој момент се пронајдени 350.000 евра за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени. Претресите и другите истражни дејствија продолжуваат, а јавноста ќе биде известена за натамошниот тек на постапката“, велат од Обвинителството.
Станува збор за една од најопсежните истраги поради сомненија за висока корупција во нашата држава до сега, која е поткрепена со информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност.
Од Обвинителството додаваат дека дејствијата координирани од јавниот обвинител ги преземаат припадници на Одделот за борба против организиран криминал при Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција, чија посветеност и професионален интегритет придонесе за успешно разоткривање и обезбедување докази за еден од најсериозните и најсложените облици на криминал.
Македонија
Мицкоски: Безбеден град веќе спасува животи, прекршоците намалени од 100.000 дневно на 3.000
Системот „Безбеден град“, кој официјално треба да профункционира од 1 февруари, веќе дава резултати во тест-периодот, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Бројот на сообраќајни прекршоци и незгоди е значително намален, а со тоа и бројот на повредени и загинати лица во сообраќајот.
„Во јануари имаме уште поохрабрувачки бројки од декември – тоа значи повеќе спасени животи, помалку сообраќајни незгоди, и побезбеден сообраќај“, рече Мицкоски.
Додека во првите денови биле регистрирани и повеќе од 100.000 прекршоци дневно, сега таа бројка е сведена на 2.000 до 3.000.
Мицкоски одговори и на прашањето за заштитата на личните податоци на граѓаните во рамки на проектот. Тој најави дека ќе бидат потребни дополнителни усогласувања и протоколи, особено во првите три до шест месеци од имплементацијата.
„Никој не бил перфектен при стартот на овој проект. Сосема логично е да се вршат прилагодувања во текот на првите месеци. Но, најважно е што веќе се гледаат резултати“, рече премиерот.
Македонија
Уставниот суд веќе ја потврди законитоста на одлуките за вонредната состојба, му одговори Пендаровски на премиерот Мицкоски
Поранешниот претседател Стево Пендаровски му возврати на премиерот Христијан Мицкоски поради неговата изјава дека има основани сомнежи за уставноста и законитоста на одлуките за вонредна состојба што беа донесени во времето на пандемијата.
„Навистина мислев да не му давам значење на господинот Мицкоски, затоа што ја разбирам неговата потреба катастрофалните резултати од своето досегашно владеење да ги покрива со коментари за работи кои не ги разбира“, наведува Пендаровски во писмена реакција, додавајќи дека „за жал, на експертот за енергетика претходно не му ги објасниле неговите големи правници“.
Тој потсетува дека Уставниот суд уште пред повеќе од пет години потврдил дека одлуките за вонредната состојба се во склад со Уставот и законите.
„Уредбите со законска сила ги носеше и ги имплементираше Владата. Дали таму имало злоупотреби, тоа државните институции, кои сега се под тотална контрола на Мицкоски, можат да го проверат кога сакаат, ако сакаат“, додава поранешниот претседател.
Тој истакна и дека сите одлуки за прогласување на вонредна состојба биле доставени до Собранието веднаш по завршувањето на секоја вонредна состојба.
„Мене ми е јасно дека и ова образложение нема да го спречи Мицковски да продолжи неосновано да обвинува и клевети, затоа што тоа е, за жал, единствениот начин на кој е научен да владее“, заклучува Пендаровски.
Изјавата на Пендаровски следи по денешниот коментар на премиерот Мицкоски, кој го повика Обвинителството да постапи по допрен глас поради наводите на хирургот Жан Митрев дека во времето на вонредната состојба, тогашната власт, предводена од СДСМ, односно премиерот Зоран Заев и тогашниот министер Венко Филипче сакале да ја преземат неговата приватна клиника. Мицкоски во таа пригода посочи дека „се случувале мафијашки упади“ и дека некои од уредбите што биле носени сè уште не се разгледани од страна на Собранието, со што, според него, има сомнежи и за одговорност на поранешниот претседател Пендаровски.

