Македонија
Брнз: Северна Македонија има постигнато значаен напредок за кус период
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска во неговиот кабинет, ја прими амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз, со нејзини соработници.
„На средбата, претседателот Џафери изрази благодарност за поддршката што американската амбасада и САД и ја даваат на Република Северна Македонија, при што истакна дека за нас е од суштинско значење задржаниот фокус на Соединетите Американски Држави кон нашата земја и регионот во целина“, соопшти Собранието.
Претседателот Џафери ја информирал амбасадорката Брнз за очекуваното ангажирање на новата Влада во однос на пандемијата и мерките за зачувување на здравјето на граѓаните, за економските мерки за поддршка на населението и подготовката на стратегијата за започнување на преговорите за членство со Европската Унија, како три главни приоритети на дејствување. Тој, исто така зборувал и за планираните активности на Собранието до крајот на оваа година.
„Амбасадорката Брнз му честиташе на претседателот Џафери за успешно спроведените парламентарни избори, за формирањето на институциите и за неговиот реизбор на функцијата претседател на законодавниот дом. Таа истакна дека, Република Северна Македонија има постигнато значаен напредок за кус период, особено на полето на евроатланската интеграција. Нејзината Екселенција рече дека од клучно значење е во Собранието да се формира што поширока поддршка за реализација на стратешките цели, особено од аспект на НАТО и членството во Европската Унија. Таа подвлече дека се подеднакво значајни и борбата против корупцијата, прашањата поврзани со националната безбедност и потеклото на ивестициите, како и донесувањето на Законот за антидискриминација“, се наведува во соопштението.
На крај на средбата, било оценето дека двете земји како стратешки партнери, ќе продолжат со плодната соработка како и досега.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

