Македонија
Бројот на заразени со коронавирус во Македонија надмина 15.000 лица од почетокот на пандемијата

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 15.090, откако вчера беа потврдени 92 нови случаи на заразени.
Според последните податоци, бројката на оздравени пациенти е 12.235, на починати е 617, а во моментов бројот на активни случаи изнесува 2.238 лица.
Најмногу активни случаи има во Скопје – 754, Куманово – 262, Прилеп – 152, Гостивар – 136, Тетово – 124 и Штип – 106.
Од скопските општини, најмногу заразени во моментов има во Аеродром – 112, Чаир – 85, Гази Баба и Карпош со по 82 активни случаи, Кисела Вода -80 и Центар – 76.
Досега во земјата се направени вкупно 157.519 тестирања на Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Романец осомничен за тешка кражба во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против романски државјанин, осомничен дека во Скопје извршил кривично дело – Тешка кражба според член 236 став 1 точка 3 од Кривичниот законик.
Осомничениот 41-годишник делото го извршил на 21 март, во Ѓорче Петров, кога на дрзок начин и со сила одзел златен ланец со крст од еден оштетен, тргајќи му го од вратот. Потоа почнал да претура по полицата од дневната соба, ја отворил фиоката и одзел 2.500 денари. Така осомничениот се стекнал со вкупна противправна имотна корист во износ од 11.500 денари, по што веднаш се дал во бегство.
Имајќи предвид дека станува збор за странски државјанин без регулиран престој во државава, јавниот обвинител оцени дека постои опасност од бегство и до Судот достави предлог за определување мерка притвор.
Македонија
Јакимовски: Карпош не е кафана, туку сериозна општина

Карпош е сериозна општина и народот тоа го знае. Народот е со мене, а вистината ќе ги стигне и нив, се вели во соопштението од ГРОМ од актуелниот и кандидат за градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски.
„Кога ВМРО-ДПМНЕ нема аргументи, тогаш пуштаат соопштенија со лаги и навреди. А најиронично од сè е што во Карпош ни го доведоа за кандидат човек кој до вчера седеше по кафани, со купена диплома пред една година, и единствено искуство му е чашката, а не проекти и работа
Граѓаните треба да знаат дека овој нивни „кафанџија-кандидат“ денеска седи во канцеларија и оперира со државниот буџет. Преку фирмата Алкалоид Конс се набавуваат лекови за Онкологија – па нека проверат зошто доцнат терапиите и колку тендери имаат добиено. Таму лежи вистинската приказна.
Докторите од Онкологија имаат многу што да кажат. Јавноста има право да знае дали профитот и договорите им се поважни од здравјето на пациентите.
Затоа, наместо да измислуваат лаги за Карпош, нека одговорат на едно едноставно прашање: Кој профитира од тендерите за лекови и кој го пушти „кафанџијата“ да биде кандидат за Карпош?
Карпош не е кафана, ниту ќе биде експеримент на нивните школски другарчиња. Карпош е сериозна општина и народот тоа го знае. Народот е со мене, а вистината ќе ги стигне и нив“, вели Јакимовски.
Македонија
Петмина добија труење од храна откако јаделе во сендвичарница во Штип

Пет лица пријавиле симптоми на труење со храна по јадење сендвичи со пилешки стек во сендвичарница–киоск во Штип, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Објектот е веднаш затворен до добивање на резултатите од лабораториските тестирања.
Случајот бил пријавен од Центарот за јавно здравје Штип, по што инспекторите на АХВ извршиле вонреден инспекциски надзор кај операторот со храна.
Земени се примероци од инкриминираната храна и брисеви од работните површини. Објектот е времено затворен сè додека не се потврди неговата безбедност со лабораториските резултати – велат од АХВ.
Граѓаните кои се пожалиле на симптоми на труење побарале медицинска помош, а здравствените служби го следат нивното здравствено состојба.
Од Агенцијата нагласуваат дека инспекциските служби ќе продолжат со контроли за да се обезбеди заштита на потрошувачите и превенција на слични случаи.