Македонија
Извештај на ИЈЗ: Пораст на бројот на новозаразени и починати за една недела

Согласно извештајот на Институтот за јавно здравје кој се однесува на периодот од 14 до 20 септември, регистрирани се вкупно 951 позитивни случаи од 29 градови во државата, што претставува зголемување од 34,9 отсто во однос на претходната недела.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=261; 27,4%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кочани – 154,3 на 100.000 жители. Во истиот период, во 16 града бројот на ново-дијагностицирани е под 20.
Процентот на позитивни случаи од тестираните изнесува 9.8 отсто или 1.4 процент повеќе во однос на претходната недела.
Тестирани се вкупно 9.661 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2, зголемување од 15.7 проценти во однос на минатата недела.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (n=213, 22,4%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50-59 (n=176; 18,5%), 30-39 (n=173; 18,2%), 40-49 (n=149; 15,7%) и 20-29 (n=147; 15,5%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=37; 3,9%) и 10-19 години (n=56; 5,9%).
Од случаите кои се епидемиолошки истражени (n=907; 95,4%), регистрирани се 80 (8,4%) хоспитализирани (намалување од 37,0% во споредба со минатата недела), а кај 268 (28,2%) лица е регистрирано присуство на коморбидитети.
Од вкупниот број на нови случаи во периодот 14-20 септември, 313 (32,9%) имаат контакт со потврден случај. Регистрирани се 33 лица со историја на патување во последни 14 дена.
По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 636 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување.
Пријавени се 48 смртни случаи, 21 повеќе од минатата недела. Во однос на возраста, 32 лица биле над 60 години, 8 на возраст од 50-59, 4 од 40-49 години, 3 од 20-29 и еден случај од 30-39 години. Од починатите 42 лица биле хоспитализирани. Коморбидитети се регистрирани кај 35 од починатите лица.
Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за Состојбата со Ковид-19 во Република Северна Македонија 14 -20.9.2020 г., како и Кумулативна состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се достапни на веб страницата на Институтот за јавно здравје http://iph.mk/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло со мала до умерена облачност, максималната температура до 33 степени

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 14, а максималната ќе достигне од 28 до 33 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 33 степени.
Времето во наредните денови
Во четврток попладне ќе има услови за изолирана појава на краткотраен дожд и ретки грмежи. Од петок под влијание на серија влажни воздушни маси времето ќе биде претежно облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд кои локално ќе бидат обилни. Дневната температура значително ќе опадне, особено во деновите од викендот и почетокот на следната седмица.
Македонија
Граѓаните плаќаат за чиста средина, а не за депонии и ѓубришта: Митески најави кривична против ЈП „Комунална хигиена“доколку не реагира за отпадот

Комуналните служби на Општина Аеродром само денеска собраа над 10 тони отпад (50м3) кои завршија во „Дрисла“, соопшти в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.
„Ова не е еднократна акција – ова е наша секојдневна работа. Нашите општински служби се на терен, додека Градското комунално претпријатие кое треба да ја изврши оваа работа, е неажурно и немо. Доста е“.
Граѓаните, додава тој, плаќаат за чиста и уредна средина, а не за депонии и ѓубришта. Напоменува дека никој нема право да го загрозува здравјето и иднината на децата.
„Од утре продолжуваме уште поинтензивно.
Ако нема веднаш реакција од ЈП „Комунална хигиена“, како градоначалник ќе поднесам кривична пријава за загрозување на животната средина согласно член 218 од Кривичниот законик, и секојдневно ќе барам постапување од Обвинителството и МВР“, објави Митески.
Ова, како што истакна, не е политика, туку прашање на достоинство, здравје и иднина.
Македонија
Мицкоски: Народот е обединет и сплотен, не очекува убедлива победа за подобро и поубаво Сопиште

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на промоцијата на кандидатурата на Јане Мицевски за градоначалник на Општина Сопиште, како и на кандидатите за советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
„Народот е обединет и сплотен, не очекува убедлива победа за подобро и поубаво Сопиште.
Ветуваме реализација на многу проекти кои ќе ја подобрат инфраструктурата, ќе создадат нови можности за младите и ќе придонесат за економски развој и модернизација на општината. Заедно, со посветеност и транспарентност, ќе изградиме Сопиште какво што сите го посакуваме.
Јане Мицевски е вистинскиот избор за Сопиште“, објави Мицкоски.