Македонија
Бугарските медиуми: Притворените навивачи се ослободени
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/07/дфасд-1.jpg)
Навивачите на „Левски“, кои беа приведени во Скопје, се ослободени, јавуваат некои од бугарските медиуми.
Како што се наведува, казните им се платени со парите собрани од фанови на фудбалскиот клуб.
Преку специјална акција, синоќа, преостанатите приврзаници на „сините“ успеале да ја набават потребната сума за плаќање на казните на приведените, кои се движат од 150 до 200 евра за лице.
На фејсбук-страницата „100 години ‘Левски’ – Софија“ се наведува дека навивачите на „Левски“ биле држени речиси еден ден во полициските подрачни канцеларии во Северна Македонија под крајно мизерни услови.
„На навивачите не им се дава храна, а вода може да пијат само од чешмата во тоалетот“, се вели во објавата, каде што во прилог има фотографија од тоалет, кој наводно се наоѓа во станицата.
Од друга страна, БНТ во меѓувреме објави дека 11 приведени поддржувачи на клубот споделиле дека односот на управата кон нив бил добар – добиле храна и вода и можност да стапат во контакт со своите роднини.
За насилството пред и по натпреварот, приведени беа 19 навивачи од Република Бугарија поради нарушување на јавниот ред и мир. Од нив, осум лица за насилство на спортски натпревар, две лица за физички напад на полициски службеници, кои вршеле службени дејства, а девет поради агресивно однесување кон нив. Околу полноќ полициските службеници приведоа и двајца навивачи на навивачката група на ФК „Шкупи“, кои го нарушиле јавниот ред и мир со физичка пресметка, информираа синоќа од МВР.
„Макфакс“ објави и снимки на кои се гледа судирот меѓу навивачите и полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
(Видео) Полициските хеликоптери исфрлија над 120 тони вода врз пожарите кај селото Тажево и „Јасен“
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Screenshot-2024-07-26-203439.jpg)
Денеска Одделот за воздухопловни единици при МВР учествуваше со два хеликоптери во гасење на пожарот во реонот на Јасен.
Во 62 налети исфрлени се преку 120 тони вода со што успеа да се локализираат новите реактивирани краци на пожарот и да се спречи прошорување на пожарот кон селото Брезница , селото Тажево и националниот парк Јасен.
Македонија
Пронајдено детето од Скопје кое беше пријавено дека се оддалечило од домот
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/02/policija-5.jpg)
Вечерва околу 19.20 часот полициски службеници од СВР Скопје го пронајдоа осумгодишното дете за кое денеска околу 18.40 часот неговата мајка С.Н. во ПС Карпош пријави дека околу 17 часот се оддалечило од домот.
Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје ги презеле сите неопходни мерки и активности и детето било пронајдено во добра здравствена состојба и ќе биде предадено на родителот, соопшти МВР.
Македонија
На Табановце за влез во државата се чека околу еден час
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/07/tabanovce.jpg)
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце за влез во државата се чека е околу 1 час. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани –Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Термините се следни:
– петок од 17:00 – 22:00 часот,
– сабота од 09:00 до 18:00 часот и
– недела од 09:00 до 22:00 часот.
На магистралниот пат А2 делница: Скопје – Охрид – Скопје се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 7,5 тони за време на викендите, во следните интервали:
– петок од 15:00 – 22:00 часот,
– сабота од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот и
– недела од 07:00 до 22:00 часот.