Македонија
Бугарски медиум тврди дека Мицкоски е оженет со Бугарка
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е оженет со Бугарка, напиша бугарската новинска агенција „Бгнес“.
„Стевица Јанева, која е сестра на сопругата на Христијан Мицкоски, Рози, има бугарско државјанство. Ова е јасно од избирачките списоци за претстојните парламентарни избори во Бугарија закажани за 4 април“, пишува агенцијата.
Во објавата на „Бгнес“ се наведува дека Стевица, кој работи како нотар во градот Струмица, има бугарски пасош, што може да го добие само врз основа на докажано бугарско потекло и самоопределување.
Нејзиниот сопруг Јорданчо Јанев, додава агенцијата, е сопственик на најголемиот ресторан во центарот на Струмица. Тој е исто така бугарски државјанин и се појавува на избирачките списоци во Благоевград.
„Ако Стевица Јанева има бугарско државјанство врз основа на докажано потекло, бидејќи такво се дава само ако вашите предци се Бугари, тогаш излегува дека и Рози Мицкоска е Бугарка“, заклучува агенцијата.
Според бугарскиот медиум, актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е познат по својата остра антибугарска реторика.
„Тој дури си дозволил неодамна да каже дека ако некој рече дека Гоце Делчев е Бугарин, тој ќе направи дипломатски скандал во светот. Сега, сепак, не е познато каков скандал ќе предизвика веста дека тој е оженет со Бугарка“, додава агенцијата.
По објавата на „Бгнес“, Мицкоски се огласи на социјалните мрежи.
„И јас и мојата сопруга имаме, единствено, македонски пасош. И ќе продолжам да се борам за македонските национални интереси. Колку повеќе лажат, толку повеќе ќе удираме по мафијата. Нема да му помогнат ниту браќата и пријателите на Заев, кои гледаат дека Владата е сериозно разнишана“, напиша Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

