Македонија
Бугарското вето е голема геостратешка грешка, велат од Владата
Македонската Влада информира дека Бугарија стави вето за почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија.
Со тоа, како што велат од Владата, Бугарија застана на патот на нашата европска интеграција за која во повеќе наврати институциите на ЕУ и сите останати земји членки одделно, вклучувајќи ја и Софија, потврдија дека целосно ги исполнуваме условите.
„Северна Македонија никогаш нема да се откаже од правото на самоопределување на македонските граѓани кое е гарантирано со Повелбата на ООН, Универзалната декларација за човекови права, Европската конвенција за човекови права, Лисабонскиот договор како уставна основа на ЕУ и темелните вредности на Уставот на Република Северна Македонија“, велат од Владата.
Оттука се децидни дека македонскиот национален идентитет не бил, и не е возможно е да биде предмет на преговори, а потегот на Бугарија го оценуваат како неодговорна и тешка геостратешка грешка.
„Во март, Советот на ЕУ даде едногласно зелено светло за почеток на преговори со Северна Македонија. Сите земји членки на ЕУ се согласија на тоа, вклучително и Бугарија. Во исклучително позитивниот извештај од Европската комисија за реформскиот напредок ние сме подобри од другите земји кандидати, па дури и понапред од некои земји кои веќе преговараат. Нашите резултати и капацитети и нашата подготвеност за почеток на преговори се неспорни. Неодобрувањето на преговарачката рамка е на штета на фундаменталните принципи и вредности на Европската Унија. Владата на Северна Македонија нема да дозволи застој на внатрешните реформи. Напротив, ќе го засилиме темпото и ќе ја зголемиме предноста во демократски реформи што ја имаме во регионот. Владата останува на истиот стратешки колосек. Испорачавме полноправно членство во НАТО и ќе ја придвижиме земјата и кон ЕУ! Наша обврска е да ги изградиме европските стандарди дома! За нас нема друг пат, нема друга алтернатива. Македонската иднина е европска“, наведува Владата во соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„За почиста Македонија“ со петиција до Владата: казни и за фрлање отпад од автомобилите преку „Сејф сити“
Организацијата „За почиста Македонија“ собра 1.000 потписи за петицијата со која се бара системот за сообраќајни прекршоци „Сејф сити“ да биде унапреден и да детектира и фрлање отпадоци и отпушоци од цигари од возилата.
Како што информираат од организацијата преку објава на социјалните мрежи, петицијата била лично доставена до Владата и до Министерство за внатрешни работи. Од „За почиста Македонија“ наведуваат дека очекуваат одговор.
Во текстот на петицијата се посочува дека системот „Safe City“ веќе функционира во тест фаза и преку видео надзор издава опомени за сообраќајни прекршоци, поради што, според иницијаторите, постои реална можност истиот да се надгради и за други области од јавен интерес.
Како проблем се наведува фрлањето отпад, особено отпушоци и ситен отпад од возила во движење, што, според петицијата, има последици врз животната средина и јавната безбедност. Во образложението се истакнува дека отпушоците се најчестиот вид отпад по улиците и покрај патиштата, дека содржат токсични материи и дека нивното разградување трае и до 10 години.
Во петицијата се укажува и на ризикот од пожари, наведувајќи дека фрлањето отпушоци од возила може да биде еден од причинителите на шумските пожари во државата. Дополнително, се посочува дека ваквото однесување го нарушува јавниот ред и остава негативна слика за државата.
Според иницијаторите, камерите на „Safe City“ веќе препознаваат различни сообраќајни прекршоци, па системот може да се надгради со алгоритам за детекција на фрлање предмети од возило, практика која, како што наведуваат, веќе постои во повеќе европски земји и градови.
Со петицијата се бара МВР и Владата да воведат автоматска детекција и казнување на фрлање отпушоци и отпад од возила како дел од проектот „Safe City“, со цел намалување на загадувањето, зголемување на јавната безбедност и подигање на еколошката свест.
„Истражувањата покажуваат дека кога прекршоците се санкционираат автоматски, граѓаните брзо ги менуваат навиките“, се додава.
Ова е мала промена во системот, но како што се наведува, се очекува да донесе огромни придобивки за животната средина, јавната безбедност и развојот на современо, одговорно општество.
Фото: depositphotos
Македонија
Фирма фатена на дело – нелегално вршела поштенски услуги и криумчарела пратки, Царинската управа поднесе кривична пријава против две лица
Царински инспектори од Одделението за истраги, во координирана акција со МВР, УЈП, Агенцијата за пошти и Државниот пазарен инспекторат, извршија претрес на фирма која нелегално вршела меѓународни поштенски услуги и криумчарела стока. Во моментот на претресот беа пронајдени вкупно 166 поштенски пратки со разновидна стока, со вкупна вредност од речиси 240 илјади денари. Пронајдената криумчарена стока е запленета, а од страна на инспекторите е поднесена кривична пријава против едно правно и едно физичко лице за сторено кривично дело прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама, извести Царинската управа.
Конкретно, фирмата вршела меѓународни поштенски услуги без соодветна лиценца, при што поштенските пратки ги внесувала со возила преку граничен премин, без да ги пријави кај царинските органи. Пратките потоа нелегално ги складирала во магацин во нејзина сопственост, со намера оттаму да ги транспортира до нарачателите, за што би наплатувала паричен надомест.
Царинската управа и понатаму ќе продолжи со засилени контроли и координирани активности со цел откривање и спречување на сите облици на криумчарење и незаконско работење, заштита на државните финансиски интереси и обезбедување услови за фер конкуренција, се наведува во соопштението на Царинската управа.
Македонија
Левица: Предизборна политичка манипулација – Владата на ДПМНЕ ги скрати парите откако истера кампања
„Во екот на локалните избори, владата на Христијан Мицкоски одобри средства на општините, а дел од нив беа и од унгарскиот кредит, за капитални проекти од областа на културата. Со овие проекти градоначалниците на ДПМНЕ си воеда предизбопрна кампања помпезно најавувајќи „обезбедени пари“ и „загарантирани“ проекти, само уште народот да им даде глас. Само неколку месеци подоцна, на еден ден пред Нова година, истата таа Влада со потпис на премиерот ги скрати речиси сите средства. Со ова власта на ДПМНЕ ја разоткри својата вистинска намера која не е реализација на проекти во културата туку предизборна политичка манипулација“, велат од партијата Левица.
„Со кратењето, од првично планираните 135,5 милиони денари за 13 проекти низ општините, Владата остави само 14,8 милиони денари за три селективно избрани проекти, додека останатите меѓу кои мултикултурниот центар во Аеродром, заштита на скопска чаршија, Исарот во Штип, конзервација и реставрација на фрескоживопис на црквата во Мокрино и низа други останаа со нула денари и со предизборните фалби и фотографии на градоначалниците на ДПМНЕ. Ова е јасен доказ дека културата била злоупотребена како предизборен маркетинг наместо да биде третирана како јавен интерес.
Дека Владата на Мицкоски воопшто нема намера да инвестира во општините, за проекти од културата, дополнително говори и фактот што наместо да се обезбедат средства за 2026 и 2027 година, Владата со одлука ги пролонгира во 2028 година, што практично значи ставање на проектите во фиока и нивно тивко умирање.
Левица укажува дека ова е само уште еден пример за класична изборна измама. Прво се ветуваат и одобруваат средства за политички поени, а по изборите парите се кратат, а граѓаните повторно остануваат излажани. Бараме од Владата да одговори зошто ги укинува средствата за најавените проекти и кој ќе понесе политичка одговорност за ова грубо манипулирање со очекувањата на граѓаните?“, се вели во соопштението на партијата Левица.

