Македонија
Бугарското МНР: Нашата позиција кон Северна Македонија нема да се промени
Бугарија нема да ја промени својата позиција кон Северна Македонија во следните месеци, велат од бугарското МНР за „Труд.бг“.
„Во претстојниот период, Бугарија ќе продолжи со своите напори да им ги објасни на нашите партнери бугарските проблеми во врска со Република Северна Македонија. Очекуваме реален пристап на солидарност и разбирање од следното претседателство“, наведува бугарското Министерство за надворешни работи.
На прашањето на „Труд.бг“, какви активности ќе преземе Софија во следните 6 месеци за да се најде решение за Северна Македонија, од министерството велат дека би било неразумно да се очекува промена на бугарската позиција.
„Оваа позиција е предмет на надпартиски консензус и со 84 проценти јавна поддршка. Да не заборавиме колку бугарски граѓани се наследници на бегалци од Вардарска Македонија. Според Министерството за правда, 88.450 граѓани на Република Северна Македонија, исто така, имаат бугарско државјанство. Ниту една бугарска влада не може да ги предаде овие луѓе“, наведуваат од бугарското министерство.
Во однос на евентуално потпишување на анекс кон договорот за добрососедство, од Министерството велат дека тоа не може само по себе да ги реши отворените прашања во односите со Македонија.
„Веќе постои Договор за добрососедство кој во 2017 година е ратификуван од обете страни и доставен до ООН, што Република Северна Македонија не го спроведува. Ништо не дава причина да веруваме дека друг потпишан документ ќе ја промени оваа практика на неисполнување на меѓународните обврски“, се наведува во одговорот.
Од бугарското МНР, сепак, тврдат дека интересот на Бугарија не е да го одложи процесот на пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ, туку конечно да се решат отворените прашања во односите и успешно да се продолжи со процесот на интеграција на сите земји од Западен Балкан.
„Ние не добиваме никакво задоволство од позицијата што Скопје нѐ принуди да ја заземеме, откако со децении Бугарија ја обезбеди сета можна поддршка за нашите браќа од другата страна на границата. Со ставот што го зазеде Бугарија во рамките на Советот на ЕУ, нашата земја го одложи усвојувањето на рамката за преговори за Република Северна Македонија со цел да се вклучи јасно и обврзувачко барање за Република Северна Македонија за спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија. Со оглед на сегашното неисполнување на Договорот од страна на Република Северна Македонија, Бугарија нема да може да ја донесе преговарачката рамка без овие гаранции“, наведува бугарското МНР.
Понатаму се додава дека со одложувањето на усвојувањето на преговарачката рамка, Бугарија ги бранела својот национален интерес и националната позиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на работна средба во МАНУ
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одржа работна средба во Македонската академија на науките и уметностите, со претседателот Живко Попов, како и со други претставници на Академијата.
„На средбата се разговараше за значењето на поактивното вклучување на Академијата во стратешките процеси на развој на државата, особено во креирањето политики и во обезбедувањето стручна поддршка при институционалното одлучување“, соопштија од Собранието.
Исто така, Гаши информирал за вчерашната одлука усвоена на седница, со која е овластен, како претседател на Собранието, да склучи поединечен колективен договор со претседателот на синдикалната организација на Академијата.
Тој изразил подготвеност за поддршка на сите иницијативи што ја зајакнуваат улогата на науката и уметноста во развојот на државата.
Македонија
Сиљановска -Давкова: Мајчиниот јазик е чувар на семејната и национална традиција
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, што традиционално го организира Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Во своето обраќање, претседателката нагласи дека мајчиниот јазик не е само инструмент за комуникација, туку и чувар на семејната и национална традиција, на духовното богатство и култура на еден народ. Таа посочи дека образованието на мајчин јазик има клучна улога во интелектуалниот и емоционалниот развој на поединецот, а почитувањето на јазичната разновидност значи почитување на културната различност.
Говорејќи дека јазикот е темел на идентитетот, чувар на колективната меморија во којашто се запишани искуствата на минатите генерации и стремежите на оние кои доаѓаат по нас, Сиљановска-Давкова истакна дека овој ден не е само повод за одбележување на важниoт јубилеј, туку и потсетник за одговорноста што ја носиме кон јазикот како културно наследство и моќно мировно оружје.
Таа потсети на заедничката обврска да го развиваме и унапредуваме македонскиот јазик не само во образованието и науката, туку и во културата, политиката, медиумите и економијата, создавајќи услови за негов развој во чекор со современиот дигитален свет.
Според неа, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ имаше и има особено важна улога во промоцијата и заштитата на стандардниот македонски јазик.
За претседателката јазичната разноликост, како карактеристика на нашата држава, е вредно јазично богатство. Почитувањето и негувањето на јазиците, според неа, ја јакнее културата на дијалог и толеранција и помага во градењето општество во кое различноста се доживува како сила што обединува.
Свечениот настан посветен на мајчиниот јазик, обедини претставници на академската заедница, државните институции и собра на едно место академици, професори и ученици, политичари, љубители на јазикот.
Посебна тежина и убавина на настанот му дадоа учениците од средните и основните училишта, кои рецитираа стихови од познати поети на своите мајчини јазици.
Македонија
Уапсени седум возачи поради возење без возачка дозвола, со активна забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои тројца за возење без возачка дозвола, двајца за управување возило под дејство на алкохол и тројца со забрана за управување возило од Б категорија.
По еден возач во Скопје и Битола управувале возило без возачка дозвола, од кои возачот во Скопје е малолетник. По еден возач во Куманово, Велес и Неготино за управување возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија. Додека, по еден возач во Македонска Каменица и Струга управувале возило под дејство на алкохол. Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.

