Македонија
Бугарското МНР смета дека забраната за фашистички имиња на здруженија ги ограничува правата на Бугарите во земјава
Бугарското Министерство за надворешни работи е загрижено дека ќе се ограничат правата на Бугарите во Македонија, поради законските измени за формирање здруженија. Оттука дополнително велат дека се загрижени поради попречување на ефективното и целосно спроведување на Договорот за добрососедство.
„Постојат сериозни загрижености дека законските измени се насочени кон дискриминаторско ограничување на правото на здружување на Бугарите во Северна Македонија, за кое повод е едностраната интерпретација на историските факти. Легитимниот стремеж за спротивставување на сите форми на екстремизам и омраза не може да биде инструментализиран за намерно ограничување на правата на конкретни заедници“, велат од бугарското МНР.
Македонското Собрание на почетокот од овој месец изгласа измени на Законот за здруженија и фондации, со кои се забранува именување здруженија според спорни историски личности кои се поврзуваат со фашизам.
Законот ги засегнува бугарските здруженија во земјава, Иван Михајлов во Битола и цар Борис Трети во Охрид кои имаат рок од три месеци да ги усогласат своите имиња или ќе бидат избришани од Централниот регистар.
„Бугарските здруженија во Македонија ќе постапуваат според закон, кој предвидува во рок од три месеци да си ги променат имињата. Здруженијата ќе направат сè што е потребно да продолжат да постојат во согласност со сите закони во Македонија“, велат од Фондацијата „Бугарско сеќавање“ на бугарскиот бизнисмен Милен Врабевски.
Во одговор за Радио Слободна Европа (РСЕ) од Фондацијата кажаа дека како земја членка на ЕУ, секогаш постапуваат по закон, и доколку никој не ги обжали на повисоко ниво измените на Законот за здруженија, бугарските здруженија ќе го почитуваат тоа.
Претходно, бугарскиот суд донесе одлука за затворање на македонското здружение во Бугарија за човекови права „Никола Вапцаров“. „Нов АСНОМ” Здружението на Македонците од дијаспората и забранетото македонско здружение, поднесоа претставка во Европската Комисија против Бугарија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

