Македонија
Велородео и велопикник викендов во Скопје
Придобивките од возењето велосипед, вештото возење, велосипедските трки и промоцијата на формите на транспорт кои влијаат на ублажување на климатските промени ќе бидат во фокусот на последните два дена од Европската недела на мобилност 2019, на 21 и на 22 септември.
Активностите на Европската недела на мобилност 2019 се организираат под мотото „Пешачи со нас“.
Во текот на утрешниот ден (21.09.2019 година, сабота) ќе се организираат следниве активности:
ВЕЛОРОДЕО
Градски парк
11:00-14:15 часот
Преку препознатливата мрежа на училишта наречена „Велоучилишта“ се организира овој настан со осмислена програма: поставување велосипедски полигон за деца со 15 вежби, квизови на тема екологија и велосипедизам, социјални игри, веломеморија, музички точки и забава.
На самиот настан ќе бидат реализирани следните активности:
– Велополигон (бавна трка, баланс, безбедност, вештини, сигнализација, контрола, тргнување, итн.)
– Едукативни игри: Веломеморија; Не лути се човече (во реална големина); Екоквиз и Сложувалка
– Работилница за поправка на велосипед
– Креативна работилница
– „Чисто како дома исто“, кампања на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија
– Други изненадувања за најмладите.
Настанот е од отворен карактер и право на учество имаат сите ученици кои имаат желба да возат велосипед, како и активно и едукативно да се забавуваат. На тој начин, учениците ќе ја пренесат пораката за придобивките од возењето велосипед.
PUMPTRUCK PARK ЗА ОНИЕ ШТО ЗНААТ
Новиот памптрак пред Олимпискиот базен на булеварот Кочо Рацин
18:00-19:30 часот
Забавна содржина за граѓаните и љубителите на адреналинското рекреирање со велосипеди, скејтборди и ролери. Целовечерна забава со настап на обучени бајкери.
BIKE4CLIMATE (Да бидеме генерации што ќе ја сочуваат иднината)
Градски парк
19:00-21:30 часот
Потребно е да размислуваме како да го приспособиме секторот транспорт на екстремните временски услови и во истовреме да влијаеме на ублажување на климатските промени преку фаворизирање форми на транспорт со низок јаглероден отпечаток, како на пример повеќе велосипедски и пешачки зони во градот со функционално зеленило да се олесни движењето во услови на високи температури, автопати за велосипеди кои ќе ги поврзуваат градовите и слично.
Во рамки на Неделата на климатски промени, предвидено е собирање на Градскиот плоштад, возење со велосипед покрај Владата и доаѓање до Школка во Градскиот парк, каде што е организирано кино под отворено небо и проекција на филм за климатските промени. Секој велосипед носи соодветна порака.
За недела (22.09.2019 година) се планирани следниве активности:
ДА ГО РАЗМРДАМЕ КАЛЕ
Подножје на Скопската тврдина и околните улици во центарот на градот
Велоекспо 10:00-13:00 часот
Велопикник 10:00 – 11:00 часот
Традиционална трка на Велосипедската федерација 11:00-13:00 часот
Учесниците на целодневниот настан ќе пристигнат на велосипед или пеш. Ќе биде организирана промоција на индустрии поврзани со велокултурата (продавници, сервиси, тури, клубови, водичи, групи), како и изложба на велосипеди олдтајмери. Настанот ќе биде придружен со музичка и сценска програма.
Во првиот дел од настанот ќе возат деца и аматери, а во вториот ќе се натпреваруваат професионални велосипедисти.
16.09. – 22.09.2019
Вирална кампања #WalkWithUs
Тагни и покани пет личности со наведениот хаштаг, за користење одржлив транспорт до своето работно место. Означените личности треба да објават фотографија или видео со нивното омилено превозно средство. Петте објави со најмногу лајкови ќе добијат награди, од кои првата ќе добие велосипед на расклопување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

