Македонија
Велјановски: СДСМ и ДУИ се обвинуваат помеѓу себе кој да ја преземе вината за несреќата во Тетово
Наместо морална одговорност и оставки, а потоа и непристрасна истрага, партнерите во власта СДСМ и ДУИ ги гледаме како се обвинуваат помеѓу себе кој да ја преземе вината за несреќата во Тетово, во која живи изгореа 14 луѓе, истакна денеска во Собранието, пратеникот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Велјановски.
„Зоран Заев јавно призна дека модуларната болница во Тетово е градена без одобрение за градба и без потребните статики, што се потребни за сите нормални објекти. За срамот и апсурдот да биде уште поголем, Зоран Заев ја спореди монтажната болница во Тетово, со изградба на летни тераси и кафеани. Ваквата скандалозна изјава на Заев е јасно признание со кое тој веќе досега требаше да биде повикан во Јавното обвинителство, бидејќи, според тоа што го кажа, само прашање на време кога било ќе се случи некоја несреќа со болницата во Тетово“, рече Велјановски.
Тој додава дека во моментот има уште 18 модуларни болници градени на ист принцип со исти материјали кои очигледно, како што вели, се темпирана бомба и потенцијална опасност за пациентите.
Велјановски критикува дека СДСМ и ДУИ обвинувајќи се меѓу себе откриваат оти немало соодветен надзор на модуларните објекти, немало противпожарен систем за заштита, немало технички прием, немало атестирани материјали, немало ништо што би гарантирало безбедност на пациентите.
Според него, ова е надвор од сите норми и правила и е нестручно и недоговорно работење од страна на надлежните органи.
Велјановски порача дека од сето она што досега е изнесено во јавноста, јасно е дека виновни за пропустите се токму СДСМ и ДУИ. Тој побара од Јавното обвинителство да не чека и веднаш да покрене обвиненија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
(Видео) Филипче по обраќањето на Руте: Членството во НАТО е трајна придобивка од политиките на СДСМ
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Собранието изјави дека членството во Алијансата е резултат на „стратешките, визионерските и државничките политики“ на Социјалдемократскиот сојуз во изминатите повеќе децении.
„Тој пат не беше лесен, меѓутоа сега конечно можеме да се чувствуваме безбедни, со загарантирани граници, благодарение на тоа што сме дел од најголемиот безбедносен сојуз во светот“, рече Филипче.
Тој оцени дека во услови на војни и нови жаришта во светот, особено поради, како што посочи, агресијата на Русија врз Украина, членството во НАТО претставува трајна придобивка за државата.
Осврнувајќи се на говорот на Руте, Филипче рече дека генералниот секретар имал одличен говор и упатил јасни пораки до Владата, посочувајќи дека Русија е агресор во Украина и дека прави сојуз со Кина и Северна Кореја.
Притоа, Филипче упати критики кон актуелната Влада, наведувајќи дека има вицепремиер кој, како што рече, отворено негува врски со Русија, споменувајќи го вицепремиерот Стоиљковиќ. Тој додаде дека вториот човек во Владата се среќава со ‘Ноќните волци’, кои се во директна комуникација со рускиот претседател Владимир Путин.
Филипче посочи и на заемот од една милијарда евра од Унгарија, наведувајќи дека, според извештаи на европските институции, станува збор за кинеско финансирање.
Македонија
Руте ја поздрави посветеноста на Македонија во зголемувањето на процентот за безбедност и напорите за помош на Украина
Во рамките на официјалната посета на Република Северна Македонија, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оствари средба со претседателот на Собранието, Африм Гаши, на која присуствуваа: координаторите и заменик-координаторите Никола Мицевски, Јованка Тренчевска, Беким Ќоку, Рина Ајдари и Бобан Карапејовски; шефот на собраниската делегација во ПС НАТО, Драган Ковачки и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, соопшти прес-службата на законодавниот дом.
Гаши, посакувајќи му добредојде, го запозна гостинот со актуелната состојба во земјава, во светло на актуелните геополитички тензии на Блискиот Исток и војната во Украина. Ја предочи посветената политика на Македонија како кредибилен сојузник кој како и досега ефективно ќе придонесува за обезбедување на регионалниот и глобалниот мир и безбедност. Во време на зголемена глобална неизвесност, претседателот Гаши ја нагласи важноста на блиските односи, одржливиот политички дијалог и заедничката посветеност на меѓународното право и колективната безбедност. Притоа, тој предочи дека членството на земјава во ЕУ не е само како институционално прашање на зачленување. Истакна дека во светло на тековните нестабилности, прашањето на европската интеграција на регионот на Западен Балкан сè повеќе станува и прашање поврзано со европската безбедност.

Генералниот секретар Руте се заблагодари на топлото гостопримство и ја поздрави посветеноста на земјава во зголемувањето на процентот за национална и колективна безбедност, со што се манифестира нејзината способност да ги прифати обврските од членството во НАТО. Ги поздрави напорите што Република Северна Македонија ги вложи во обезбедување соодветна помош за Украина, со што заедно со останатите сојузници покажа висок степен на солидарност. Во тој контекст соговорниците споделија заеднички оценки за одржување на конзистентни позиции и целосно усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ (ЗНБП), заедничките одбранбени иницијативи на Европската Унија и силна поддршка на Украина.
Руте ја поздрави посветеноста на нашата земја како земја членка на НАТО во фрагилен регион каде не се сите држави членки на НАТО или имаат различен степен на партнерство со Алијансата, во промовирање на атмосфера и политика на регионална стабилност и висок степен на учество во мировните мисии на НАТО. Ја нагласи важноста на вокалноста на парламентите и парламентарците како незаменлив демократски инструмент за поддршка на државните приоритети, особено во сферата на јакнењето на одбранбените капацитети на армијата и јакнење на безбедноста, согласно проектираните визии на Алијансата.
На посебна седница, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте имаше и свое обраќање пред пратениците на Собранието.

