Македонија
Вељаноски за уставните измени: Владата не требаше да поведе постапка без да обезбеди мнозинство
Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, преку писмено соопштение ја коментира иницијативата за пристапување кон измена на Уставот. Како што вели тој, основно правило, но и правило од праксата за пристапување кон измена на Уставот, е веќе обезбедно 2/3 мнозинство пратеници.
Според него, предлагачот на иницијативата кон измена на Уставот, во овој случај Владата, воопшто не требало да си дозволи да поведе ваква постапка без предходно обезбедено 2/3 мнозинство.
„Во досегашната пракса на Собранието на Република Македонија никогаш не се случило да се поведе постапка за измена на Уставот, без претходно обезбедена политичка согласност од најмалку 2/3 од пратениците. Единствен исклучок се оваа постапка и насилната постапка за измена на Уставот по преспанскиот договор.
Во согласност со член 196 став 1 од Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија, претресот за измена на Уставот трае 10 работни дена и по завршување на претресот, се пристапува кон гласање. Денес, 1 септември, завршуваат десетте работни дена откако беше отворена постапката и беше завршена расправата за измена на Уставот на собраниската седница број 123, закажана и одржана на 18 август.
Гласањето мора да се биде најдоцна денес. Секое спротивно постапување не е во согласност со Деловникот“, пишува Вељаноски.
„Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија не дозволува неизвесност со постапката од толку високо значење.
Во согласност со Уставот на Република Македонија, односно неговиот член 67, и во согласност со Деловникот за работа на Собранието, односно неговите член 6 и член 60, претседателот на Собранието, единствено го претставува Собранието и се грижи за примената на Деловникот и за остварување на правата на сите пратеници еднакво.
Политичките одлуки ги носи Собранието, а не претседателот на Собранието.
За излез од оваа ситуација потребно е, во согласност со член 67 став 2 од Деловникот за работа на Собранието, минимум 20 пратеници да бараат продолжување на 123 седница, а претседателот на Собранието, во согласност со член 24 став 2 од Законот за Собранието, да постапи и да свика ад хок кординација, на која би се договорил датумот на продолжување на 123. седница на Собранието, кога ќе треба да се гласаат уставните измени
Доколку претседателот на Собранието на Република Македонија и покрај барањето на минимум 20 пратеници не закаже продолжение на седницата, ја презема на себе целата одговорност, прави лоша практика, се става над сите пратеници и, конечно, го изместува целосно политичкиот систем на институционалната поставеност на уставното уредување на Република Македонија“, се додава во соопштението на поранешниот претседател на Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

