Македонија
„Ве чекам во 20 часот, на плочникот кај Градски ѕид“, Герасимовски повика на концерт

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги повика сите скопјани, вечерва да бидат дел од културната манифестација „Центарска симфонија“ што ќе се одржи на плочникот кај Градски ѕид (Клуб на новинари, зади Соборниот храм) со почеток во 20:00 часот.
Александар Тарабунов и камерниот оркестар вечерва ќе ги интерпретираат најпознатите мелодии од македонската и светската кинематографија, специјално аранжирани во ново, симфониско руво. Меѓу нив се и култните музики од „Исправи се Делфина“, „До Балчак“, како и новата песна на музичката ѕвезда Тарабунов „Заедно“, која за првпат ќе биде изведена со камерен оркестар.
„Оваа вечер ја посветуваме на музиката која нè обединува, Центар повторно станува сцена на културното доживување. Повелете сите, со пријателите, со семејствата, заедно да уживаме во спојот на класичното и модерното, на звуците што раскажуваат приказни. Музиката е најубавиот начин да се сплотиме, Ве поканувам на добра музика и убава летна саботна вечер. Ве чекам во 20 часот, на плочникот кај Градски ѕид“, вели Герасимовски.
Влезот е слободен за сите граѓани. Настанот е во организација на Општина Центар, во партнерство со МГ Мјузик продукција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на средба со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу

Во рамки на работната посета на Вашингтон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба во Стејт департментот со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу.
„На средбата се разговараше за постигнувањата во изминатите 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, стратешкото партнерство, политичката и секторската соработка, како и потенцијалот за нивно понатамошно продлабочување“, соопшти Министерството.
Соговорниците заеднички ги потврдиле одличните билатерални и пријателски односи, засновани на вредностите на безбедност, демократија и слобода. Министерот Муцунски упатил благодарност за континуираната поддршка од САД во трансформацијата на општеството, зајакнувањето на капацитетите и спроведувањето на неопходните реформи.
На средбата станало збор и за силното сојузништво во НАТО, активната соработка во мултилатералните организации и заедничкиот придонес кон регионалната и глобалната стабилност и безбедност.
Македонија
Викендов сончево и топло време

Утре наутро ќе биде ведро и посвежо, преку денот претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 25 до 31 степен.
Во Скопје, сончево со слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 31 степен.
За време на викендот и во првите денови од следната седмица ќе се задржи сончево и топло време со постепен пораст на температурата на воздухот. Потоа ќе настапи зголемување на облачноста.
Македонија
Викендов посебен сообраќаен режим кон манастирот во Калишта

За време на одржувањето на големиот православен празник „Рождество на Пресвета Богородица“ – „Мала Богородица“кој на 20 и 21.09.2025 година се празнува во манастирот во струшкото село Калишта, ОВР Струга, ќе спроведе посебен сообраќаен режим.
Утре (20.09.2025) од 18 часот се до завршување на предвидените верски церемонии, сообраќајот за влез кон манастирот ќе се одвива преку магистралниот пат А-2 Струга-Ќафасан со исклучување кај селото Франгово по локалниот пат до хотел „Изгрев“ односно до манастирот а за излез од манастирот према Струга, сообраќајот ќе се одвива по регионалниот пат Р-1208, Радожда-Струга преку селото Калишта.
Истиот режим на сообраќај ќе биде и на ден 21.09.2025 (недела) со почеток од 08 часот наутро, се до завршување на церемонијата во попладневните часови.
„Со цел, непречено одвивање на сообраќајот во овие околности, апелираме до верниците да го почитуваат сообраќајниот режим и насоките на полициските службеници“, велат од охридската полиција.