Македонија
(Видео) Антовски: Наместо сигурно снабдување на струја, ЕСМ произведува милионски загуби

„Македонија е длабоко навлезена во енергетската криза и не е во можност да се справи со предизвиците и последиците предизвикани од кризата.
Електроенергетскиот систем на Македонија треба да гарантира сигурно и доверливо снабдување со електрична енергија до своите потрошувачи. За жал, Владата на Македонија и раководството на АД ЕСМ успеаја за само четири години да ги уништат нашите производствени капацитети, кои се сега далеку под нивото на своите производствени можности“, изјави на денешната прес-конференција Стевче Антовски, член на комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Антовски, Законот за енергетиката, донесен во 2018 година, вели дека АД ЕСМ има законска обврска за 2022 година да обезбеди минимум 60 % од потребите на „ЕВН хоме“ за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи.
„АД ЕЛЕМ не се пријави и на третиот тендер објавен од страна на ‘ЕВН хоме’. Наместо АД ЕСМ да ги исполни своите законски обврски и да гарантира сигурно снабдување со електрична енергија, ние денес имаме пропадната и банкротирана компанија, која произведува милионски загуби што ги плаќаме ние граѓаните од буџетот на Македонија. Наместо успешно справување со енергетската криза и зголемување на сопственото производство, денес сме сведоци на скапите набавки на струја од надвор и по цени од 350 евра за MWh иако производната цена на АД ЕСМ, кога би имало јаглен во термоцентралите и вода во акумулациите на хидроцентралите, би била околу 55 евра за MWh. Причините се кријат во лошото менаџирање на оваа компанија поради што акумулациите се на минимум, па хидроцентралите не се во можност да го произведуваат потребното количество електрична енергија. РЕК ‘Битола’ е во постојани хаварии и дефекти. Ископ на јаглен во рудниците речиси и да нема, дневно се копа колку за потребите на половина блок. Наместо да се копаше јаглен пролетта и летото, тие договараа тендери со фирми блиски на СДС за денес да нѐ замајуваат со научнофантастични приказни за набавка на јаглен од надвор“, изјави Антовски
Антовски запраша колку милиони евра ќе нѐ чини ова недомаќинско и криминално владеење на Владата на СДС потенцирајќи го и новото поскапување на струјата од 1 јануари.
Тој додаде дека најпрвин во 2020 година ја поскапеа струјата за 7,4 %, потоа следуваше ново поскапување на струјата во 2021 година од речиси 20 %, успешно го замаскираа со намалувањето на ДДВ-то на 5 %.
„Време е за промени, за нови и чесни политичари што знаат и умеат како да се справат со проблемите, време е за итни предвремени парламентарни избори и справување со кризните состојби“, истакна Антовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.