Македонија
(Видео) Арсовски: Јанева и Заев се лице и опачина на иста паричка што значи криминал
Катица Јанева и Зоран Заев се лице и опачина на иста паричка што значи криминал. Катица Јанева е рекетарот на Зоран Заев, а Заев e човекот што ѝ даде најмногу поддршка и стоеше зад неа цело време. Ниту Заев не ќе можеше да се богати и да уценува за политичко влијание без Катица Јанева ниту Катица Јанева не ќе можеше да рекетира и исто така да се богати без поддршка на Заев и институциите што ги контролира тој самиот, како и раководството на СДСМ, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, Јанева четири месеци беше оставена на слобода за да ги исчисти трагите што водат директно до главата на октоподот за кој сите знаат кој е тој.
„Четири месеци, наместо истрага, гледаме фарса. Лошо сценарио од уште полоши сценаристи што го смислиле. Вчера, УЈП најави дека од утре ќе почнеле да го истражуваат Меѓународниот сојуз на Боки 13 преку кој се вршел дел од рекетот.
Што ли правеше УЈП четири месеци, зошто токму од утре почнува да истражува? Дали беа во спрега и УЈП, и Финансовата полиција и МВР и сите надлежни институции заедно со рекетарите што вршеа рекет? Каде беа овие институции цели 4 месеци откако е почната истражната постапка и зошто не соработувале во истрагата бидејќи нивното влијание во истрагата е многу важно и со сите докази што може да ги обезбедат? Дали на овој начин им се даде време на осомничените да ги скријат сите траги од доказите за целиот криминал и рекет што беше очигледен за целата јавност?
Во Република Македонија нема ниту правда и нема ни да има сè додека се Зоран Заев и СДСМ на чело на власта. Законите не важат за СДСМ и законите не важат за Зоран Заев. Зошто сè уште не е почната постапка и истрага за синот на Катица Јанева, Лазар Јанев, за кој знаеме дека е вработен како маркетинг-директор во телевизијата на првоосомничениот и за кој има силни сомнежи дека работел со првоосомничениот во делот на рекетот и заедно со него одел на состаноци во фирми што биле предмет на рекет? Дали со смешните обвиненија за Катица Јанева за стекнат надомест од 4.500 евра во мебел, а еден и пол милион бил рекетиран од бизнисмен, Заев се обидува да ја амнестира за рекетот што го правела во негово име? Класична амнестија и намалување на целата одговорност за криминалот што го правел. Нормално, тоа не смее и нема да помине.
СДСМ и Зоран Заев се паника. И Заев е подготвен сите да ги жртвува за самиот тој да си ја спаси кожата и да не се стигне до главата на октоподот. Оваа Влада на СДСМ и Зоран Заев повеќе немаат кредибилитет да ја водат Владата на Република Македонија и да одговараат за иднината на граѓаните и државата. Потребни се предвремени парламентарни избори и потребна е обнова на Македонија, која многу бргу ќе се случи по падот на СДСМ“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

