Македонија
(Видео) Манчев: Бранот на неработење и пустош не го одмина ниту Неготино

„Две години како СДСМ ја презема локалната власт, а бранот на неработење и пустош не ја одмина ниту општина Неготино. Две години откако градоначалник на општина Неготино е Тони Делков и две години очекување да почнат со реализиација неговите ветени проекти во изборната програма“, изјави Петре Манчев од ВМРО-ДПМНЕ.
„Сите ветувања што ги дадовте, градоначалниче, пред изборите, останаа заборавени, програмите нереализирани, а нема никаков економски напредок во општина Неготино. Како показател на ова е реализираниот буџет во третиот квартал, со реализација не повеќе од 30 отсто, а капиталните инвестиции не се поголеми од 10 отсто.
Граѓаните се сведоци дека во овој период во општина Неготино нема ниту еден проект, нема ниту една мерка што ја направивте и која ќе остане запаметена. Она по што ќе останете запаметени се само непотизамот, вработување партиски војници и матните тендери.
Неготино и граѓаните на Неготино, господине градоначалниче, немаат веќе трпение за вашите празни ветувања, оправдувања и барања виновници од минатото. Доста им е од ветувањата што се само предизборен маркетинг. И не само тоа што немате реазлицација на ветените проекти, вие не сте ни во состојба да ги продолжите претходно почнатите.
Нема ниту катни гаражи, нема паркинг-простор, нема градски пазар, градоначалниче, нема нова градинка, нема атмосферска канализација, а да не зборуваме за повторно активирање на породилниот дом, што исто така ви беше ветување во предизборната кампања. Граѓаните на општина Неготино видоа доволно за овој период, ама не видоа ништо од вашите ветувања. И понатаму насекаде гледаат само смет и нечистотија, ископани и несредени улици, гледаат нови депонии, неискосени и ненавадени тревници. Во градот се пишуваат казни за погрешно паркирање, а не е обезбеден паркинг.
Градоначалниче, секојдневно сме сведоци на сè поголем број фамилии, кои, гледајќи ја ваквата состојба, се иселуваат барајќи ја својата егзистенција надвор од државата. Никогаш повеќе нема да ја вратите довербата кај граѓаните, а тоа ви го кажаа и на последните избори на кои бевте катастрофално поразени“, додаде тој.
Вие и вашето неработење го докажавте во овие две години, а граѓаните ќе си го кажат своето на следните избори. Колку побргу сфатите дека проблемот е во вас, а не во народот, толку подобро ќе биде за градот и за граѓаните. И крајно време е, градоначалниче, да почнете да работите за барем по нешто да ве паметат граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре многу топло време, од четврток заладување

Утре времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 20, а максималната ќе достигне од 33 до 41 степен.
Во Скопје сончево и многу топло со слаб јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 41 степен.
До вторник ќе се задржи многу топло време со дневна температура насекаде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
В недела во попладневните и во вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.
В среда и в четврток ќе дува засилен северен ветер, кој ќе предизвика значително опаѓање на дневната температура.
Македонија
Ѓорѓиевски: 34 отсто од граѓаните живеат надвор од земјата

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска зеде учество на настанот „Демографски трендови, предизвици и можни решенија“, организиран од Министерството за социјална политика, демографија и млади.
„Демографските предизвици бараат здружен одговор од сите сектори – институции, општини, граѓански организации, но и секој поединец. Локалната самоуправа, како прв контакт со граѓаните, има клучна улога“, нагласи Ѓорѓиевски, додавајќи дека ЗЕЛС е подготвен активно да се вклучи во процесот.
Тој потсети дека демографскиот пад е сериозен – 34% од граѓаните живеат надвор од земјата.
„Младите заминуваат не само од економски причини, туку и поради слаба инфраструктура, недостиг на квалитетни услуги, недостаток на перспектива, или поради чувство дека институциите не работат за нив. Дел од нив се иселуваат и поради замор од постојани пречки – било домашни, било европски – на патот кон реализација на нивните соништа“, рече Ѓорѓиевски.
Во своето обраќање тој се задржа и на позитивните резултати кои се бежат во оваа сфера во Општина Кисела Вода .
„ Од аспект на градоначалник на Кисела Вода, сакам да назначам дека ние имаме позитивни резултати. Општина Кисела Вода во последните години бележи пораст на бројот на жители. Тоа е резултат на активни локални политики насочени кон задржување и враќање на младите. Но, мораме да бидеме свесни – не може и не смее целата држава да се потпира на неколку урбани општини. Преселувањето од внатрешноста кон градовите е само привид на раст – вистинскиот напредок се гради преку рамномерен развој на сите општини во државата“, рече Ѓорѓиевски.
Македонија
Општина Аеродром почна со обнова и реконструкција на училиштата и градинките

Во текот на летниот период интензивно се работи на подобрување на условите во детските градинки и во основните училишта во Општина Аеродром, каде што покрај редовното бојадисување и темелно чистење, се вршат и поголеми зафати, објавија од Општината.
Во детската градинка „Буба Мара“ во Ново Лисиче, беа санирани дел од тоалетите, а целосна реконструкција се направи и на големата тераса на која старите и дотраени плочки се заменија со нови за безбедна настава и игра на дечињата.
Исто така, набавени се и нови детски реквизити што во наредниот период ќе бидат монтирани во дворот на градинката, со што децата ќе имаат можност на уште позабавен начин да го минуваат времето надвор.
Денеска, покрај „Буба Мара“, в.д. градоначалникот, Дејан Митески, го посети и ООУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче, каде што исто така летниот распуст се користи за значајни зафати за обнова и реконструкција.
Она е што е ново е поставувањето на фотоволтаици, кои се донација од општествено-одговорна компанија, како и инсталирање паметен систем за следење и управување со потрошувачката на електрична енергија во училиште, во соработка со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Македонски Телеком.
Со овој проект, Оптшината очекува во голема мера да се намалат сметките, но и паметно да се управува со потрошувачката на електричната енергија.
Во овој период во ООУ „Лазо Ангеловски“ се молерисуваат 14 училници, се отстрануваат дрвените панели од ходниците и естетски се уредуваат ѕидовите, се врши санација на таванскиот дел меѓу училиштето и фискултурната сала, а се менуваат и влезните врати на училиштето и на фискултурната сала.
„Продолжуваме и во наредниот период интензивно да работиме на реконструкција и санација и во други училишта и детски градинки, а оваа година за таа немена издвоени се околу 9 милиони денари“, велат од Општина Аеродром.