Македонија
(Видео) Адеми: Меѓу земјите сме со највисок скок во постигањата помеѓу две ПИСА-тестирања
Учениците од Северна Македонија постигнаа исклучителен напредок во резултатите помеѓу двете последни ПИСА-тестирања спроведени од страна на Организацијата за економска соработка и развој. Организаторот на меѓународната студија преку која се проверува јазичната писменост, математичката писменост, како и знаењата на учениците во областа на природните науки утрово го потврди напредокот, а резултатите денес во Владата ги презентираше и министерот за образование и наука Арбер Адеми.
Адеми информираше дека резултатите од последното тестирање се најдобри досега, односно значително подобри во однос на резултатите кои нашите ученици ги постигнаа во изминатите две тестирања на кои учествуваа, потенцирајќи ја потврдата на ОЕЦД дека сме една од земјите со најголем напредок помеѓу две тестирања.
„Конкретно, во областа на читање со разбирање учениците од Северна Македонија го остварија највисокиот скок, односно се на прво место по напредок. Во областа на природните науки на второ место по скок во резултатите и на трето место во областа на математиката“, рече Адеми, информирајќи дека успехот е постигнат во конкуренција на 79 земји кои изразиле интерес суштински и по меѓународни стандарди да ја проверат подготвеноста на учениците за практично да го применуваат знаењето што го стекнале до 15-годишна возраст.
Споредувајќи ги резултатите од 2015 и 2018 година, Адеми информираше дека резултатите од проверката на способноста за читање со разбирање кои ги остварија учениците се подобрени за 41 поен, односно од 352 постигнати поени во 2015 година, на 393 поени во 2018 година; резултатите од тестирањето по природни науки се зголемени за 29 поени, од 384 во 2015 година на 413 поени во 2018, додека резултатите по математика се подобрени за 23 поени, од 371 на 394 постигнати поени.
Според официјалните ранг-листи, Република Северна Македонија сега е на 62. место по резултатите од природни науки, на 66. место по читање и на 67. место по резултатите од математика. Напредокот е видлив, ако се има предвид дека во 2015 година земјата беше на 68. место по резултатите од математика и на 69. место по резултати од природни науки и читање, и тоа во конкуренција на 72 држави.
„Ценам дека напредокот е плод на суштинските промени кои се направија во изминатиот период во областа на образованието преку еден инклузивен пристап со учество на сите засегнати чинители. Но, исто така се и плод на добрата организираност за имплементација на ПИСА-тестирањето“, рече Адеми, додавајќи дека пред официјалното, беше спроведено пробно тестирање, а во меѓувреме сите учесници во процесот – 760 наставници, директори и над 5.500 ученици беа добро обучени и конкретно насочени за постапување, што придонесе да биде разбрана суштината и важноста на овој процес.
Адеми нагласи дека резултатот треба да нé радува, но и како што рече, да нé мотивира да го одржиме континуитетот во креирање и спроведување длабински образовни реформи во секој сегмент, на секое ниво и од секој аспект.
„Гледаме дека заложбите почнуваат да го даваат очекуваниот и проектиран позитивен ефект. А тоа е така, бидејќи политиките кои ги креираме се засноваат на објективни и кредибилни анализи и истражувања за тоа што навистина е потребно да се промени во образовниот систем“, потенцираше министерот за образование, додавајќи дека ваквиот начин и пристап на креирање политики кај него влева оптимизам дека Северна Македонија ќе постигнува уште подобри резултати на следните тестирања.
Заблагодарувајќи се на сите учесници во процесот на ПИСА 2018-тестирањето, Адеми најави дека нашата земја веќе ги започна подготвителните активности и ќе биде дел од следното тестирање во 2021 година, откако претходно во 2020 ќе се спроведе пробен процес.
„Во меѓувреме, Владата, МОН и сите останати засегнати институции и чинители, продолжуваме со спроведување на реформите, на промените кои не можат да се случат преку ноќ, туку потребна е сплотеност, многу труд и работа. Ова постигнување е одличен показател дека се движиме на прав пат, да создадеме квалитетен и конкурентен национален образовен систем“, рече Адеми.
За Северна Македонија ова е трето учество на меѓународното ПИСА-тестирање, по 2000 и 2015 година кога според резултатите бевме земја речиси на дното на ранг-листите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

