Македонија
(Видео) Ангеловски: За три недели изречени над 12.000 казни за сообраќајни прекршоци

МВР покрај на територијата на главниот град Скопје, спроведува засилени сообраќајни контроли и во другите градови, меѓу кои и Кичево, соопшти портпаролот на МВР, Тони Ангеловски на денешната прес-конференција во овој град.
„Се санкционираат сите сообраќајни прекршоци, а особено оние кои што се најчеста причина за сообраќајни незгоди со тешки последици. До сега во три седмици откако започнаа засилените сообраќајни контроли изречени се над 12.000 санкции, најчесто за возење со брзина над дозволената, нерегистрирани возила, а се санкционираат и возачите на мотори кои не ги почитуваат правилата“, рече Ангеловски.
Портпаролот на МВР апелираше до граѓаните на Кичево да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбедноста во сообраќајот.
„Само за еден час во денешната акциска контрола во Кичево се изречени 70 санкции, пред се за нерегистрирани возила, возење без возачка дозвола…“, соопшти Ангеловски, кој потенцира дека контролите ќе продолжат и во наредните денови, а целосните податоци од денешната контрола во Кичево ќе бидат презентирани утре.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Николоски: Воена болница добива нов лик, ќе добиеме најмодерна бoлница во држвата

Лекарите ќе добијат подобри услови за работа, а пациентите една од најмодерните болници во државата. Со инвестиција од 12 милиони евра целосно се реконструира болницата, истакна потпретседателот на Владата, Александар Николоски при денешната посета на Воената болница заедно со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство, Азир Алиу.
„Ова е проект кој го работиме во рамки на концесијата која што ја има ТАВ за двата аеродроми, скопскиот и охридскиот. Дел од средствата се користат за општествено корисни проекти и 12 милиони евра ќе бидат потрошени за целосна реконструкција на хирушкиот блок, на блокот за патологија, биохемија и целосно опремување по најморедни стандарди.
Она што е многу значајно е дека докторите ќе добијат добри услови за работа, а пациентите ќе добијат најмодерна болница во целата држава. Драго ми е што во една соработка со ТАВ ова успеваме да го реализираме и се надевам дека ќе имаме други општествено корисни проекти“, изјави потпретседателот на Владата, Александар Николоски.
Македонија
Забрана за движење на територија на депонијата „Вардариште“

Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, на денешната 7-ма седница, предложи до Владата, а Влада усвои следниве заклучоци: забрана за движење на територија на депонијата „Вардариште”, како итна мерка во насока на справување со пожарот на депонијата „Вардариште“ во општина Гази Баба, а за надлежен за оваа проблематика го назначи првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, извести Министерството за животна средина и просторно планирање.
Заклучоците се донесоа по дискусијата за состојбата со пожарот на депонијата „Вардариште“ во општина Гази Баба, кои по исцрпната дискусија, членовите на Комитетот, поради зголемените ризици по животот и здравјето на граѓаните и поради загадувањето на животната средина, ги донесоа за превенција и отстранување на штетните последици од пожарите на депонијата „Вардариште“.
Овие заклучоци се во насока на заштита на животната средина и безбедноста на граѓаните, како и превентивно управување со потенцијални кризни ситуации од ваков тип.
Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи будно ја следи целата ситуација вои и околу Вардариште и ќе биде вклучена се до трајно решение на овој проблем, за што бара трпение од засегнатите граѓани, се додава во соопштението од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Македонија
Вонреден инспекциски надзор на депонијата „Дрисла“

Во доцните попладневни часови, околу 15:15 часот, државниот Инспекторат за животна средина изврши вонреден инспекциски надзор поради пожар кој избувна на поранешната депонија за комунален отпад „Дрисла“, по пријава од Полициската станица Гази Баба.
„На лице место се врши гаснење на опожарениот дел со сопствена механизација и средства на ЈП „Дрисла“, како и со повеќе противпожарни возила и возила на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
Инспекцискиот надзор го извршија овластени инспектори од СВР Скопје ЕЕКК, а присутни беа и директорот на ЈП „Дрисла“, надлежно лице за животна средина и други вработени во јавната установа“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Во согласност со А-ИСКЗ дозволата која ја поседува ЈП „Дрисла“, е изготвен извештај испратен по е-пошта до МЖСПП и ДИЖС во врска со настанот.
Од надзорот е изготвен записник за констатирање, а ќе бидат земени и примероци од подземни води и почва од страна на акредитирана лабораторија за животна средина. ЈП „Дрисла“ достави и извештај од мониторинг станицата за квалитет на воздухот. Инспекциската постапка е во тек и се следат сите мерки за евалуација на влијанието и отстранување на последиците од пожарот, се додава во соопштението од Министерството за животна средина и просторно планирање.