Македонија
(Видео) Арсовски: Анѓушев преку 4 јавни набавки се збогатил за 2.380.000 денари
,,Вчера повторно од медиумите имавме прилика да видиме обелоденети договори каде што јасно се гледа дека Кочо Анѓушев изминатиов период не прекинал со учество на државните тендери и јавни набавки преку неговите фирми.Пред да потенцираме за кои набавки се работи, би сакал да потсетам дека Кочо Анѓушев во јавно излагање на емисијата Топ Тема самиот кажа дека неговите фирми ќе се откажат од аплицирање на јавни тендери и нема да учествуваат во јавните набавки”, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека откога го кажа ова, Кочо Анѓушев како сопственик на фирмата Брако во 4 наврати склучува договори со државни институции на кои што тој им е вицепремиер, инкасира преку неговата фирма 2 милиони и 380 илјади денари.
,,Анѓушев после само 4 месеци откако јавно на телевизија кажа дека нема да учествува на тендерите и јавните набавки, склучил договор за набавка со Универзитетската клиника за кардиологија во висина од 641.920 денари.По само 11 дена од оваа јавна набавка, како што веќе и обелоденивме пред некое време, Анѓушев преку неговата фирма Брако склучил договор со Психијатриска болница – Негорци, во вредност од 664.340 денари. После само неполн месец од втората набавка, Анѓушев добива тендер и од Основниот Суд во Велес од скромни 82 илјади.За на крај во месец април Анѓушев да ја добие четвртата јавна набавка за снабдување на болнички наткасни, во вредност од 988.642 денари, јавна набавка која што ја склучил со ЈЗУ Клиничка болница во Тетово.Вкупно 4 набавки за фирмата на Кочо Анѓушев во вредност од 2 милиони и 380 илјади денари.Ете колку Анѓушев е искрен кон македонскиот народ и ете колку му држи зборот. Зборот на Анѓушев му држи исто како и ланскиот снег. За на крај, вчера, Кочо Анѓушев да излезе и да каже дека директните странски инвестиции биле најголеми до сега. Најверојатно наместо на странските директни инвестиции, Анѓушев мислел на работата на неговите фирми, дека е на историски највисоко ниво до сега откога стана вицепремиер во Владата на СДСМ”, рече Арсовски.
Според него, да се грижеше Анѓушев за економијата и државата наместо за неговите лични фирми и тендерите, сигурни сме дека Република Македонија немаше да биде на работ на бездната со економски раст од само 0% и капитални инвестиции од историски најниски 20%, а граѓаните сигурни сме дека немаше да тонат во сиромаштија и да живеат полошо од кога било.
,,Криминалното работење и сомнежот за криминалното работење на Анѓушев е пример дека оваа власт ниту поседува ниту пак практикува европски вредности за кои што сите се залагаме.Со тендери за своите фирми и полнењето на личните банкарски сметки не се оди во ЕУ и НАТО.На крајот, Република Македонија и граѓаните ќе победат, а криминалците ќе одат во затвор”, вели Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

