Македонија
(Видео) Арсовски: Итна ревизија на пресудата за сообраќајката кај „Млечен“, семејството заслужува правда

Наместо слепа правда, гледаме слепи правосудни инстанци во Република Македонија кои не сакаат да ги гледаат фактите при носење на пресуди и одлуки, порача на денешната прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Правдата за сообраќајната несреќа кај млечен ресторан не е задоволена. Задоволена е неправдата и задоволена желбата на обвинетиот за убиство при сообраќајна несреќа на еден млад човек, загрозена животна опасност на бремена жена и убиство на едно неродено дете“, нагласи тој.
Според Арсовски, вистинското прашање е дали со ваквата неправедна пресуда се штити локален моќник.
„Бараме, целосна ревизија на судската пресуда за оваа сообраќајна несреќа со смртни последици. Ревизијата е нешто што најмалку може да се спроведе во моментов и да се истера правдата на виделина, а ожалостеното семејство едноставно да добие на некој начин правда на своја страна. Иако имаат огромна загуба“, посочи партискиот портпарол.
Тој додаде дека ова не е прв случај на неправда, па потсети и на неодамнешната пресуда за убиството на млад кошаркар, тинејџер во Ново Лисиче.
„Ниту Маричиќ, ниту Зоран Заев, ниту па било кој од СДСМ нема ниакво право, ниту пак кредибилитет да говори за прочистување на судството, од едноставна причина затоа што во правосудните инстанци во моментов владеат корупција, непотизам и тотална контрола од страна на СДСМ“, кажа Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.