Македонија
(Видео) Арсовски: И покрај срамниот договор, нема никакви гаранции дека Македонија ќе биде дел од евро-атлантското семејство
Зоран Заев и СДСМ го потпишаа најсрамниот и најкапитулантски договор за Македонија, каде што самите се откажаа од името, идентитетот, нацијата и македонското малцинство, рече на прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Како што истакна тој, Заев, Димитров и останатите доживеале фијаско на дипломатски план со својата „патлиџан дипломатија“.
„Заев откажувајќи се од името, идентитетот, нацијата, малцинство, сега преку своите инсталации сака грубо да го прекрши по којзнае кој пат Уставот на Република Македонија. Претседателот на Собранието, Талат Џафери и Директорот на Службен Весник, Мартин Костовски, се заканија дека доколку Договорот со Грција не го потпише Иванов тие ќе го објават со двоен потпис на Џафери“, кажа Арсовски на прес-конференцијата.
Притоа, тој порача никој да не си игра со Законите и Уставот на Република Македонија кои се гарантори за редот и поредокот на правната држава која, како што рече, ја заробиле Зоран Заев и СДСМ за исполнување на лични цели.
„Овој чекор доколку го направат, претставува ново кривично дело и тоа кривично дело никогаш не застарува. Одговорност за ова ќе има и неправдата која ќе и биде нанесена на државата и граѓаните ќе биде исправена кога тогаш. Затоа ги повикуваме Џафери и Костовски, да не одат спротивно законите, на Република Македонија, бидејќи ќе одговараат“, предупреди портпаролот на опозициската партија.
Подвлече и дека Република Македонија е поразена на меѓународен план.
„Заев ги урниса трајно позициите и националните интереси на Република Македонија во однос на евро-атланските интеграции. Немаме никакви гаранции дека Република Македонија ќе биде дел од евро-атлантското семејство. Сите, сите оние министри кои што се занимаваат со евро-атлантските интегративни процеси на нашата држава, поради ова фијаско што го направија на дипломатски план со нивната ‘патлиџан дипломатија’, уште веднаш треба да си поднесат оставка од морални причини“, нагласи Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

