Македонија
(Видео) Арсовски: Постојат сериозни индиции за криминал во набавката за пасоши и лични документи

Вчера имавме можност во медиумите да видиме сериозни индиции за криминал од страна на власта во заминување во МВР преку набавката за пасоши и лични документи. Се работи за сомнеж за криминал во висина од 20 милиони евра и корупција во проценета вредност од над 12,5 милиони евра, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Целата постапка, додаде тој, е со сомнеж за криминал и надвор од законите, односно се работи за незаконска постапка за јавна набавка, која е подложна на кривична одговорност во согласност со Кривичниот законик на Република Македонија.
„СДСМ си склучил договор со фирмата ‘Веридос’ за набавка на пасоши и лични документи во периодот од 1.1.2020 до 31.12.2021, во вредност од 20 милиони евра, поточно околу 19 милиони и 600 илјади евра. Каде е тука сомнежот за криминал?
Најпрвин во согласност со планот за набавка на пасоши и документи за лична идентификација во МВР во текот на 2019 година предвидени биле средства во висина од 7 милиони евра за истата јавна набавка за веднаш потоа единствениот понудувач ‘Веридос’ да побара сума од 20 милиони евра или поточно поточно 19.681.666 евра, сума што веднаш е обезбедена од страна на Владата на СДСМ во текот на постапката“, рече Арсовски.
Според него, целата постапка е сомнителна и незаконска во роковите за јавната набавка.
„Договорот за рамковната спогодба во висина од 19.681.666 евра е склучена на 5.12.2019 година, а одлуката за избор и извештајот за постапката за оваа јавна набавка се склучени и архивирани на 6.12.2019, односно еден ден подоцна по склучената рамковна спогодба од страна на МВР со фирмата ‘Веридос’. По логика на нештата, но и според законите и сите процедури во Република Македонија, најпрвин треба да се донесе одлука за избор, па потоа да се потпишуваат договори и рамковни спогодби за висина на сума, но очигледно на СДСМ му се брзало првин да го договори финансискиот дел, па потоа законските процедури да ги запази, односно да не ги запази“, рече Арсовски.
Тој праша дали институциите и Јавното обвинителство ја следеле оваа постапка и дали по ова јавно обелоденување, ќе отворат постапка во Јавното обвинителство и да испитаат дали има сериозни индиции, односно дали има криминал?
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.
Македонија
(Видео) Според СДСМ, надворешната политика доживува дебакл

Андреј Жерновски од СДСМ, на денешната прес-конференција ја оцени надворешната политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како дебакл без ниту еден успех.
Жерновски изјави дека, по една година владеење, Македонија се соочува со „сериозно влошена меѓународна позиција“, без напредок на европскиот пат, без нови инвестиции и со зголемена царина од страна на САД. Според него, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски не остварил ниту еден договор или резултат на дипломатски план.
СДСМ ја критикува и состојбата со дипломатската мрежа, која, како што рече Жерновски, е „разурната, партизирана и нефункционална“, а Македонија се наоѓа „на периферијата на демократскиот свет“.
Како посебно загрижувачка точка беше истакната и заканата, како што наведуваат од СДСМ, за можно бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент, што партијата го поврзува со актуелната надворешна политика на МНР.
Жерновски рече дека за време на владеењето на СДСМ бил обезбеден македонскиот јазик во официјални документи на ЕУ, вклучително и договорот со ФРОНТЕКС, без фусноти и дополнителни објаснувања.
„Тој успех денес е доведен во прашање поради вазалската политика на Муцунски и неговиот шеф Мицкоски“, рече Жерновски.
На крајот, порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси, европска иднина и заштитен идентитет и јазик.