Македонија
(Видео) Арсовски: Преку парите од струјата се богатат фирми на газди блиски до Заеви
Покачувањето на струјата е директен удар врз граѓаните на Република Македонија, кои повторно се манипулирани од Зоран Заев и СДСМ, а кои претходно им гарантираа на граѓаните дека нема никакви шанси да се покачи цената на струјата, обвини на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Тој иницира сомнежои дека зад покачувањето на цената на струјата отворено стојат бизнис-интересите на семејството Заеви.
„Државната компанија ЕСМ како производител на струја продава 100 % од своето производство на универзалниот снабдувач со електрична енергија наместо 75 %, како што тоа е регулирано со законот, и со тоа свесно губи профит на сметка на универзалниот снабдувач, кој е приватна компанија. Па, така, на универзалниот снабдувач му се овозможуваат висок профит и поголема заработувачка. Индициите за злоупотреби се во договорите склучувани од страна на универзалниот снабдувач со приватни компании, кои испумпуваат големи суми. А тие компании имаме реална причина да веруваме и да се сомневаме дека се тесно поврзани со семејството Заеви“, објасни Арсовски.
Тој нагласи дека компанијата, која е универзален снабдувач, склучила договор за обезбедување со агенција, чиј сопственик е од Струмица.
„Истите сопственици на оваа агенција за обезбедување преку семејството партиципираат и во бизнисот со марихуана, бизнис за кој им беше дадена лиценца директно од Владата на Зоран Заев и СДСМ. Дали на универзалниот снабдувач му се дава висок профит за преку приватни компании, кои влечат корени од Струмица, истите пари да се вадат на приватни сметки и да се слеваат во семејството Заеви“, запраша портпраолот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека агенцијата за обезбедување, чиј газда е од Струмица, со универзалниот снабдувач на електрична енергија склучила договори вредни речиси 17 милиони евра.
„Само за обезбедување оваа струмичка компанија зела околу 17 милиони евра од универзалниот снабдувач, према кој граѓаните плаќаат повисока цена на струјата благодарение на СДСМ и Заеви. Има вкупно четири договори во висина од милијарда 27 милиони и 482 илјади денари или речиси 17 милиони евра, пари што одат од граѓаните што плаќаат струја“, рече Арсовски и запраша дали поради ова, сега СДСМ преку РКЕ побара поскапување на цената на струјата и дали овие пари биле употребени во, како што рече, масовниот поткуп на граѓани извршен од Зоран Заев и СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанев се обрати пред Генералното собрание на ИНТЕРПОЛ, Лукас Филип избран за нов претседател
По четири дена интензивни, продуктивни и содржајни дискусии за клучните прашања од меѓународната полициска соработка, денес во Маракеш, Мароко, заврши 93. сесија на Генералното собрание на ИНТЕРПОЛ. На овој највисок форум на Организацијата беа избрани нови членови на Извршниот комитет, меѓу кои и францускиот претставник Лукас Филип, кој ја презема функцијата претседател на ИНТЕРПОЛ, соопшти МВР.
„Директорот на БЈБ, Александар Јанев, се обрати пред Генералното собрание, со што уште еднаш се потврди силната позиција на македонската полиција во рамките на глобалната безбедносна соработка – како стабилен, доверлив и активен партнер на сите 196 земји членки во справувањето со транснационалниот криминал и современите безбедносни предизвици“, се наведува во соопштението.
Во рамки на сесијата беа усвоени повеќе значајни резолуции, меѓу кои и оние поврзани со промовирањето на ратификацијата на Конвенцијата на ООН за борба против сајбер-криминалот, зајакнувањето на регионалното присуство и оперативниот капацитет на ИНТЕРПОЛ, заедничкиот одговор за сузбивање на центрите за онлајн измами, финансискиот извештај за 2026 година, како и стратешката рамка и програмата за активности за периодот 2026–2030.
Македонија
(Фото) Свлечиште во Шипковица, во опасност четири куќи
Поради обилните врнежи на дожд кои го зафатија западниот регион, преку единствениот број за итни повици 112 е добиена пријава за настанато свлечиште во селото Шипковица.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека свлечиштето е во населено место кое претставува опасност за жителите, каде што директно се загрозени четири куќи.
Активиран е Кризниот штаб на Општина Тетово, а на терен се излезени лица од ЦУК, СВР Тетово и Градежен инспекторат од Општина Тетово.
„Во моментот се превземаат мерки и се дадени насоки на месното население да го напуштат живеалиштето поради опасност од појавување на нови свлечишта“, информира ЦУК.
Исто така, на територијата на Општина Штип евидентирани се одрони на камења на патниот правец Делчево – Истибања каде што екипи на ЈП Македонија пат редовно интервенираат и нема застои во сообраќајот.
Одроните на патот кон с.Моштица во Општина Македонска Каменица, од страна на екипи на ЈП Камена река е извршено чистење на одронот и сообраќајот на тој патен правец се одвива редовно.
Македонија
Битиќи: На крај на годината во буџетската каса фалат една милијарда евра
На денешната седница за пратенички прашања, пратеникот од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фатмир Битиќи, предупреди дека фискалните показатели објавени на 25 ноември откриваат сериозен јаз во приходната реализација на Буџетот.
Наместо планираната динамика, рече тој, државата досега наплатила близу 299 милијарди денари, што е само 82,32% од годишниот план, оставајќи дупка од над 64 милијарди денари или 1,04 милијарди евра, средства кои треба да се обезбедат до 31 декември годинава.
Во прашањето уaптено до заменик министерот за финансии, Николче Јанкуловски , пратеникот Битиќи праша по кои ставки, во кои износи и од кои извори ќе се обезбедат приближно 64,07 милијарди денари (околу 1,04 милијарди евра) за целосна приходна реализација до 31.12.2025 година, дали со дополнително задолжување и на кои финансиски пазари, дали со вонредни и еднократни приходи и дали може јавно да се гарантира дека заради „буџетско затворање“ на годината нема да се доцни со поврат на ДДВ, нема да се создаваат нови доспеани, а неплатени обврски кон фирмите и нема дополнително да се кратат капиталните расходи.
„Евидентно е дека приходната страна на Буџетот не ја следи сопствената проекција и од ден во ден, како се приближува крајот на годината, расте ризикот или потребата од ново задолжување, одложување на финансиски обврски кон стопанството и граѓаните, селективни доцнења на поврат на ДДВ. Заклучно со 31.10.2025 даночните приходи и придонесите се реализирани со 78,61% од планираното (од 250,922 милијарди денари), што значи дека во последните два месеци од годината треба да се „надомести“ повеќе од една петтина од целата годишна наплата, амбиција која историски ретко е остварлива без вонредни мерки. Подсекторскиот пресек е уште поалармантен. Оваа приходна конфигурација на Буџетот зборува за тоа дека е производ на преценета наплата, потценети ризици и затворен процес на планирање кој ја оддалечува фискалната политика од развојните цели“, образложи Битиќи.

